Серијата „Hannibal“ се прекинува по третата сезона

Американската телевизиска мрежа NBC ќе ја прекине продукцијата на серијата „Hannibal“ по завршувањето на третата сезона, која е во тек, јавуваат светските медиуми.

„NBC ни дозволи да создадеме телевизиска серија каква што ниту една мрежа не би се осмелила да емитува, а и покрај слабите рејтинзи и грозоморните сцени, не задржа во етерот три сезони“, изјави авторот на серијата Bryan Fuller.

„Бевме неверојатно горди на „Hannibal низ овие три сезони. Brian и неговиот тим на сценаристи и продуценти, како и нашите одлични актери создадоа визуелна палета на раскажување што е невидена на која било телевизија. Им се заблагодаруваме на продуцентите и на сите вклучени во серијата за нивните напори што го направија „Hannibal“ неверојатно искуство за гледачите насекаде низ светот“, пишува во соопштението на NBC.

Драмата со Hugh Dancy и Mads Mikkelsen во главните улоги се врати на екраните со третата сезона на 4 јуни, со околу 2.57 милиони гледачи на првата епизода, пред да забележи најниска гледаност од само 1.66 милиони гледачи во втората недела, кога во исто време се пренесуваше натпревар од финалето на НБА лигата во кошарка. Серијата беше одлично прифатена од критичарите, кои го фалеа Fuller дека успеал да ги помести границите на телевизиската програма со графичкото и визуелно креативно претставување на смртта во серијата.

Серијата „Hannibal“ се прекинува по третата сезона

Во меѓувреме, многубројните фанови на „Hannibal“ започнаа кампања на Твитер, со хаштагот #SaveHannibal, со која се обидуваат да ги премислат челниците на NBC или да натераат некоја друга телевизиска мрежа да ја продолжи серијата. Покрената е и интернет-петиција, која досега ја потпишале нешто помалку од 20.000 луѓе.

Покрај „Hannibal“, NBC соопшти дека по 15 сезони, ја прекинува и продукцијата на „CSI: Crime Scene Investigation“, која е една од триесетина американски телевизиски серии кои се откажани по оваа сезона.