Сексуалното образование ќе биде задолжително во средните училишта во Англија

Сексуалното образование во сите средни училишта ќе биде задолжително, соопштија властите во Англија. Ова, сепак, ќе остане избор за учениците во верските училишта каде материјалот ќе се учи во согласност со начелата на нивната верба.

Политичарите и хуманитарните организации ја поздравија оваа одлука, но одредени секуларни активисти изразија загриженост за верските училишта, барајќи од државата да осигура дека дел од учениците нема да останат ранливи.

Пратениците од сите партии ја бараа оваа промена поради модерниот свет и изложеноста на децата на порнографија и онлајн малтретирање.

Секретарката за образование на Англија, Џастин Грининг, рече дека постоечките законски насоки не ги споменуваат современите проблеми.

„Законот за сексуално образование е воведен во 2000 година и е застарен”, рече таа. „Не успева да се справи со ризиците за децата кои пораснаа во последните 17 години, вклучувајќи го интернет малтретирањето, праќањето секс пораки и интернет безбедноста“.

Сега сите средни училишта, вклучувајќи ги и академиите и приватните училишта, мора да ги приспособат програмите за сексуално образование според возраста.

Родителите ќе имаат право да ги повлечат своите деца од лекциите. Училиштата ќе имаат флексибилност во начинот на реализација на предметите и тие ќе може да развијат пристап кој е „чувствителен на потребите на локалната заедница и верските убедувања“.