Сеќавање на безгрижните времиња во СФРЈ

Во Белград во тек е изложбата „Да живее животот“, со која се потсеќа на културата, спортот и модата во поранешна Југославија и на секојдневниот живот на просечниот Југословен од 1950 до 1990 година, објави Дојче веле.

Сеќавање на безгрижните времиња во СФРЈ

За време на поранешната СФРЈ се живееше побезгрижно и со повеќе стил, гласи впечатокот на посетителите на изложбата, чија возраст е од 3 до 80 години. На изложбата може да се види облека, мебел од типичните дневни соби и уреди, некогашни училници и сали за физичка култура, предмети дизајнирани по вкусот на минатото доба, амбалажа за прехранбени производи, и речиси кај сѐ станува извесна носталгијата.

„Ова го потврдува и еден 73-годишен белграѓанин. „Ние сме современици на сето ова и за ова што го гледаме не врзуваат многу чувства… Не сум бил комунист, ниту сум бил во комунистичко семејство, но морам да кажам дека тогаш се живееше посреќно и поубаво, отколку сега“, вели тој.

Иако се речиси 50 години помлади од нашиот соговорник, двајца дваесетгодишни посетители на изложбата заклучуваат дека сепак требале да се родат неколку десетлетија порано. „Изложбата е супер. Воодушевени сме, а девојка ми и јас дефинитивно заклучивме дека сме родени во погрешно време – требаше да се родиме во 60-те години. Не знам дали се живеело подобро, не ја глорифицирам поранешна Југославија, но тоа време ме привлекува поради модата и стилот на животот“, вели момчето.

Со изложбата се потсеќа и на музичката сцена, на успехот на фудбалерските и кошаркарските репрезентации на поранешната држава, на најзначајните дневни весници и неделници, а посебно место зазема пасошот на поранешната Социјалистичка Федеративна Република Југославија.

Сеќавање на безгрижните времиња во СФРЈ

„Некогашната држава овозможуваше подобри услови за школување и вработување, а тогашното време со себе носеше помалку стрес“, велат две средновечни белграѓанки. „Емотивно сум врзана за бивша Југославија. Да, мислам дека порано се живееше подобро, едноставно затоа што се живееше посмирено. Факт е дека ова сега се сосема нови времиња, но сигурноста која ја имавме тогаш, беше целосно поинаква од денес“, објаснува едната жена, а нејзината пријателка дополнува: „Некогаш бевме осигурани, но прашањето кое се поставува е – дали цената за тоа беше, некој подоцна да мора тоа да го отплатува… Сепак, факт е дека се живееше убаво. Добро е што ги имаме тие спомени“.

Првиот дел од изложбата беше отворен во јули и тогаш ја видоа околу 40.000 посетители. Голем дел од нив на вториот и проширен дел од изложбата наведуваат дека и овојпат нема да биде помала посетеноста.

Еден од главните организатори, Урош Радуловиќ за Дојче веле ја појаснува идејата за изложбата.

„Заклучивме дека на овие простори, на сите секогаш им се чини дека она што моментно го живеат е најтешкото време. Затоа почнавме да разгледуваме кои беа најубавите времиња и сфативме дека убав беше периодот од 50-те до 90-те години односно времето на порастот и развојот на Југославија. Изложбата во првата фаза предизвика многу чувства кај луѓето и се надевам дека така ќе биде и овојпат“, вели тој.

По јули, првиот дел од изложбата гостуваше во Словенија, а вториот дел идната година најверојатно ќе биде поставен во БиХ и Хрватска. Иако нагласува дека на никој начин не се велича поранешната земја, Радуловиќ не негира дека изложбата може да разбуди носталгија за минатите времиња. „Изложбата е носталгична на некој начин. Но, тоа е целосно субјективно доживување, тоа не ни беше цел. Целта беше да се прикаже животот на обичниот човек во тој период без никакви заклучоци или политичка конотација“.

За тоа сведочи една од пишаните пораки на изложбата во која се наведува: „Тој, просечниот Југословен, понекогаш беше покорен граѓанин, а понекогаш самоуправувач, но се чувствуваше како граѓанин на светот“.