Седум студентски домови треба да станат „енергетски ефикасни“ до 2024 година

Со цел да станат енергетски ефикасни, до 2024 година, ќе се реконтруираат седум студентски домови низ земјава најави на министерот за образование и наука Арбр Адеми. Според Адеми, ќе се работи на замена на внатрешни и надворешни прозори и врати, кровни конструкции, инсталации на фасадни, канализациони и дренажни системи, но ќе се воведат и нови системи за греење. Реконструкцијата на седумте објекти во Скопје, Прилеп, Битола, Штип и Охрид според проекциите, ќе опфати и мерки за подобрување на комфорот во домовите.

„По сеопфатна спроведена анализа на состојбите во студентските домови на почетокот на оваа година и по разгледување на можните опции за интервенирање од аспект на обезбедување на соодветни услови за престој и учење и за постигнување енергетска ефикасност, дојдовме до конкретно решение кое започнува да се имплементира во 2020 година, а согласно плановите и проекциите треба целосно да биде заокружено во 2024 година“, изјави Адеми.

Министерот изрази благодарност до германското министерство за економска соработка и развој, развојната банка „KFW“ и на програмата за регионална енергетска ефикасност за Западен Балкан на Европската унија.

„Благодарност што ни помагаат во исполнувањето на оваа крупна цел, за конечно, младите, студентите и идните академски граѓани во нашата земја, кои ги користат услугите на студентските домови, да студираат без товар од една голема грижа и целосно да се фокусираат кон суштината на процесот на едукација, наместо вниманието да им биде одвлекувано од теми со кои тие реално не треба и не заслужуваат да се занимаваат“, потенцираше Адеми.

По долги години живот во субстандардни услови, годинава конечно беше завршена реконструкцијата на последните два блок“, во студентскиот дом „Гоце Делчев“, чија реконструкција започна уште на почетокот на 2016 година.

Во јуни годинава пак Владата најави дека ќе се реконструира и дел од домот „Стив Наумов“, каде  студентите живеат во лоши услови.

М.К.