Седум говорници на CareerLaunch Talks

На 5-ти и 6-ти мај (петок и сабота) во Универзитетска Библиотека „Св. Климент Охриски”, Summer Work and Travel Alumni Македонија во соработка со Младински Инфо Клуб Скопје ќе го организира вториот по ред CareerLaunch саем за започнување на кариера во иновативни tech и стартап компании.

Настанот ќе трае од 14 до 19 часот и ќе учествуваат над 20 компании со отворени над 60 позиции за работа и пракса, 7 гости говорници и 8 работилници организирани од самите компании учеснички.

Во петок, дел од  програмата на настанот ќе биде CareerLaunch Talks, каде успешни претприемачи и професионалци ќе говорат споделувајќи го  своето знаење, совети и лекции за успех и кариера.

Меѓу дел од говорницитее Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, еден од најистакнатите илустратори во Македонија, познат по Еднооки, Чунга Лунга и кучето Петко. Тој во својот говор „Како до заработка со цртање чудовишта како фриленсер” ќе ги сподели своите практични совети околу фриленс кариерата и работењето од дома.

Како говорник ќе биде и Блаже Аризанов, маркетер, писател и еден од основачите на храбриот индиски стартап “Stay Uncle”. Во неговиот говор „Од струмички чушки и френки до 1 милион долари” ќе сподели како да се пронајде и надмине својата среќна ѕвезда во градењето на кариерата. Хајан Селмани, основач на HASELT ќе говори за пронаоѓањето на причините, сопствената цел, и како да се ставиш себеси во најдобриот пат за успех, додека Калина Зографска, remote продукт менаџер ќе зборува на тема „Господар или слуга, можам ли да бирам?- текст на САФ”.

Тања Таневска,  извршен директор на Vox Teneo за Источна Европа во нејзиниот говор „Разорната моќ на џепарлакот” ќе ја сподели својата лична приказна за кариерата каде цената за „слободата” е „одговорноста”. Понатаму, Глигор Дачевски, сериски претприемач, програмер и сопственик на DoX Team во неговиот говор „Како до квалитетна кариера со работа во македонски стартап” ќе сподели зошто одлучил да работи со неискусни програмери, да ги развива и да им пружи прилика постојано да работат на интересни проекти, со најнови технологии.

Димитар Попов од Reborn, експерт по контент маркетинг и социјални медиуми кој преку создавање на проекти кои ќе ги ангажира и инспирира младите таленти се бори со одливот на мозоци. Тој во неговиот говор  „Зошто ја оставив кариерата во Америка за да станам претприемач во Македонија” ќе ја сподели својата приказна и совети зошто треба да се разгледаат можностите кои ги дава Македонија.

Инаку, настанот е бесплатен. Пријавувањето е задолжително на следниот ЛИНК.