Седми ПМГ Рекордингс фестивал вечерва во Сектор 909

Вечерва (7 јули) во летниот клуб Сектор 909 ќе се одржи седмиот по ред ПМГ Рекордингс фестивал 7.

Фестивалот веќе седма година по ред се обидува во најдобро можно светло да претстави дел од македонските музички автори кои имаат изданија во тековната година. Оваа година фестивалот е посветен на електронската музика и во фокус ги става рецентните најквалитетни изданија од овој музички жанр.

Почетокот е највен во 23.00 часот, а на фестивалот ќе настапат: Галатеја, Роботек, Видиновски, Нино Наумов и Мирко Попов.

Галатеја неодамна го издаде својот „groundbreaking“ деби албум „Метропол“, како автентичен и современ женски израз на домашната сцена. Квалитет кој недостасуваше и инспирација за сите нас кои веруваме во напредок и подобар свет. Две песни од овој албум добија и свој автентичен видео запис, песната „Метропол“ во режија на Георги Унковски и песната „Десет“ во режија на Бојан Кртолица (реализиран во рамки на овогодинешното издание на Партисима Скопје).

Роботек е еден од првите автори кои и дадоа лик и облик на македонската електронска сцена, човек кој од 1999 година креира и издава сопствена музика и е сеприсутен со своите атрактивни диџеј сетови по скопските, македонските, но и клубовите вон земјата.

Видиновски е најавен како „автентичен скопски техно продукт од третата генерација“. Редовно продуцира електронска музика и издава плочи на сопствениот и секако други реномирани светски лејблови. Неодамна го издаде албумот „Патернс“.

Нино Наумов има речиси дводецениско искуство, тој е еден од најстабилните и најпочитувани диџеи на локалната сцена. Последниве неколку години, долж очигледното подигање на квалитетот на неговата работа, тој е еден од најбукираните диџеи по скопските клубови. Степенот на доверба помеѓу него и неговата публика е на највисоко ниво во неговата кариера.

Вечерта, со свој диџеј сет, традиционално ќе ја затвори Мирко Попов, 25 години професионално диџеј искуство, лице одговрно зад издавачката куќа ПМГ Рекординс, иницијатор и организатор на ПМГ РЕКОРДИНГС Фестивалот и бројни други музички настани. Повеќе од 15 години е подржувач на македонската електронска и алтернативна музичка сцена. Оваа година како музички автор во рамки на музичките состави ПМГ Колектив и Кантон 6, Попов го издаде седмиот по ред студиски албум на ПМГ Колектив – Скопје а во припрема е и албум во живо на Кантон 6 (во соработка со Синиша Ефтимов).