„Проектот „Скопје 2014“ е лажен, тој ја фабрикува историјата, ова се фабрикувани траги. Наместо да се капитализираат најдобрите карактеристики на модернизмот кои веќе постоеја во градот, се креирал овој чуден, артифициелен слој и не знам што може да се направи со него во иднина, тоа ќе биде тешка одлука“, смета истакнатиот куратор, писател и уметнички критичар, Себастијан Цихочки.
Тој беше дел од говорниците на шестиот Интернационален симпозиум „Кураторски размени: Простори, функции, фикции и други заеднички именители“ организиран од Проектен простор Прес ту егзит.
„Кога го видов Скопје 2014 се шокирав. Првпат го посетив Скопје пред да се случат сите овие промени и се разбира, се вљубив во градот со сите негови архитектонски карактеристики, со наследството на бруталистите, со мастер-планот на Танге. Ја проучував историјата на изградбата на градот по земјотресот, во светло на предлогот на Оскар Хансен, полскиот архитект кој сакал да изгради музеј на современа уметност, како апарат што ќе ги предизвикува уметниците, како концептуална скулптура, не како кутија за уметнички дела, туку како нешто што е повеќе перформативно и што би било анимирано од граѓаните на Скопје… А потоа ги откирив и другите бисери: Универзитетот, Библиотеката, Поштата и одеднаш, по 12 години не можам да го препознаам градот, како да сум дошол на некое друго место. Не само што се демолирани одредени објекти, туку е направено многу чудно таканаречено реновирање на зградите со некакви фасади што треба да имитираат барок и неокласицизам и мора да кажам дека сум длабоко разочаран, зашто Скопје за мене беше едно од најубавите места на овој континент и требаше да се негува и заштити модернистичкото наследство, меѓународното архитектонско и уметничко богатство“, рече Цихочки.
Инаку, тој е водечки куратор во Музејот на модерна уметност во Варшава. Главниот фокус на неговото истражување е пост-уметничкото. Сепак, тој се двоуми во однос на тоа дали треба да се остават започнатите градби недовршени, или сосема да се поништи целиот проект.
„Навистина сум загрижен. Архитектурата и уметноста се моќни политички алатки и тоа се случува овде. Ова е најочигледнен визуелен пример во светот за тоа што може да му се направи на еден град со креирање лажни материјални докази“, истакна Цихочки за време на своето предавање.
Извор: Окно