Се замрзнуваат цените на основните прехранбени продукти

Владата на Република Северна Македонија на 20-тата седница донесе Одлука за замрзнување на цените на основните продукти и тоа на леб, сол, зејтин, млеко и млечни производи, јајца, брашно, месо, тестенини, лекови и дезинфекциони средства со состојба на денот на прогласување на пандемијата од Светската здравствена организација (СЗО), освен за оние за кои има доказ дека се зголемени влезните фактури.

Оваа одлука влегува со сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Северна Македонија“, и како што стои во владиното соопштение, е усвоена со цел да не се злоупотреби моменталната состојба на пазарот и да се заштитат потрошувачите во услови на зголемена побарувачка поради тековната пандемија на коронавирус.

Исто така Министерството за економија е задолжено веднаш да достави до Владата предлог за ослободување 100% од царински давачки за производите брашно од пченица, масло сончогледово, бел шеќер, сапуни, детергенти, облека и прибор за облека, пелени за деца и возрасни, марамчиња, рачни крпи во ролни, маски пластични со текстилен филтер, прекривки текстилни за хируршка употреба, одело хируршко од хартија, маски хартиени, одело заштитно гумено, ракавици гумени, хируршки и останати, одело хируршко текстилно, варикина и останати средства за дезинфекција, асепсол, медицински алкохол, и заштитни наочари.

Владата исто така ги задолжи Царинската управа, во соработка со Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство, во наредниот период да го следи трендот на извоз на рафинирано сончогледово масло за јадење, ориз, кондиторски и пекарски производи (тестенини, бисквити и слично).
Истовремено ресорните институции се задолжени да ја утврдат моменталната состојба со залихите на пченица и брашно.

На пазарниот инспекторат му е наложено да изврши вонредна контрола на магацините и дистрибутивните центри со цел да ја утврди ситуацијата за можни скриени залихи на основни прехранбени производи и воедно да ја следи ситуацијата од аспект на несоодветно покачување на цените, за што на секои три дена ќе ја информира Владата.