Се враќа меѓуградскиот превоз во Тетово, Владата го донесе и протоколот за полагање квалификациски испит во средните училишта

Владата на вчерашната седница го прифати предлогот на Комисијата за заразни болести за враќање во нормала на организираниот превоз на патници од и во подрачјето на општина Тетово, како и од општините Теарце, Боговиње, Желино, Врапчиште, Гостивар, Јегуновце, Брвеница, Маврово, Ростуше и град Скопје.

Владата го донесе и Протоколот за постапување на средните училишта за време на полагањето на квалификацискиот испит во учебната 2020/2021 година, а на седницата бил донесен и Протоколот за отворање и работа на казината и автомат-клубовите.

Владата усвои и повеќе измени поврзани со изборите. Една од измените е дека Државната изборна комисија може да определи друг соодветен простор за гласање, доколку не се исполнети просторните услови на просторијата во која е сместено гласачкото место. На седницата биле регулирани и правилата за обврската на медиумите за бесплатно да ги емитуваат информативните и едукативните кампањи на Државната изборна комисија, кои се определуваат во траење од 30 секунди на секој час, како и и правилата за распределбата на рекламниот простор на интернет порталите и во печатените медиуми, наменет за платено политичко рекламирање, како и начинот и правилата за распределбата на финансиските средства за платено политичко рекламирање обезбедени од Буџетот на Република Северна Македонија.

„Владата на седницата одржана на 22 јуни донесе измени и дополнување на Уредбата со законска сила за примена на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за време на вонредна состојба, со која се утврдува дека завршил временскиот период во кој операторите беа должни да ја обезбедат потребната документација за пререгистрација на програмските сервиси кои ги реемитуваат, и дека треба да ја исполнат обврската да ја достават соодветно пропишаната документација до Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги која треба да ја прибават од странски радиодифузери.  Дополнително, а заради обезбедување на соодветни услови за информирање на јавноста во овој период на прогласена пандемија, со оваа Уредба е определена обврска за задолжително реемитување на програмските сервиси кои се веќе пријавени кај надлежниот регулатор од страна на операторите“, додаваат од Владата.

На оваа 71-ва седница е донесена Уредба со законска сила за примена на Законот за културата за време на вонредна состојба со цел рокот за донесувањето на нацрт – годишните програми за работа на националните установи од областа на култура за 2021 година наместо до крајот на јуни да биде пролонгиран до 1 август 2020 година.

Владата донесе измени на Уредбата со законска сила за примена на Законот за странци за време на вонредна состојба со цел да се овозможи важноста на дозволата за привремен престој и дозволата за постојан престој да се продолжи и за оние дозволи чиј рок на важење истекува по вонредната состојба.

„Со Уредбата ќе се овозможи оваа категорија на странци да остварат легален влез во државата и да пристапат кон постапка за продолжување на престојот, за сите видови основи за престој за кои овие постапки се водат преку подрачните единици за странци на Министерството за внатрешни работи. Воедно, со прецизирање на периодот во кој наведените документи можат да истечат, ќе се оневозможат евентуални злоупотреби од страна на лица на кои дозволите за престој им истекле пред воведување на вонредната состојба“, соопштија од Владата.