Се стоплија студентите во домот „Кузман Јосифовски Питу“, донирано е гориво за системот за греење

Од синоќа се затоплија радијаторите во студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“, а добија и топла вода за првпат, од почетокот на месец јануари.

Веста, преку својата Фејсбук страница синоќа ја соопшти СДММ – Социјалдемократската младина на Македонија.

„Студентите од Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу” добиваат греење и топла вода, Управата ја обезбеди потребната количина на екстра лесно гориво. Продолжуваме со транспарентно водење на институциите, грижа за студентите и ефективно решавање на непредвидливите ситуации“, стои напишано на страницата.

Студентите од Студентскиот дом „Кузман Јосифовски – Питу” добиваат греење и топла вода, Управата ја обезбеди потребната…

Posted by СДММ – Социјалдемократска Младина на Македонија on Thursday, January 14, 2021

Неколку часа подоцна, и од компанијата „Гулф“ објавија пост на својата ФБ страница, со кои се пофалија дека тие го донирале горивото за да проработи ситемот на греење во овој студентски дом.

„Компанијата Gulf донираше 9 тони екстра лесно гориво, за потребите на студентскиот дом „Кузман Јосифовски Питу“ – Скопје. Поради технички проблеми студентите во домот беа соочени зимскиов период, покрај ситуацијата со пандемијата да го минуваат во дополнително отежнати услови. Состојбата наложи потреба на која сме горди што можевме да излеземе во пресрет со оваа донација. Студентите се иднината на нашето општество, грижата за него е дел од нашата корпоративна политика и компанијата Gulf ќе продолжи понатаму со вакви активности“, соопштија од компанијата.

Студенти од домот потврдија за Радио МОФ дека состојбата е стабилизирана. Велат млака вода и радијатори добиле синоќа, а утрово системот работел како што треба.

Од ДСД „Скопје“ проблемот со немањето парно и топла вода го правдаа доцнење на испораката на екстра лесно масло за горење во овој студентски дом од страна на институциите. Директорот Виктор Велевски, кој минатиот месец ја презема оваа функција, рече дека има гориво, ама се појавил проблемот со испораката поради попис во Дирекцијата за задолжителни нафтени резерви. Истакна дека се во комуникација со институциите за побрзо решение за проблемот.

Инаку, ова е единствениот студентски дом во Скопје што не е приклучен на градското парно, и покрај најавите дека тоа ќе се случи уште минатата година. Смената на системот за грење во домот влезе во Планот за чист воздух претставен во 2018 година, по острите реакции на јавноста поради испуштањето црн чад од домот во центарот на Скопје. Во јули 2019 година, Владата донесе одлука за одобрување средства од Буџетот од 9 милиони денари (околу 150 000 евра) за замена на системот за греење. Сепак, од ДСД „Скопје“ посочија дека нивните анализи покажале дека овие пари се недоволни, па ќе бараат нов проект за системот. Сепак, не прецизираат кога конечно ќе пристигне еко греењето во овој студентски дом.

Ј.Ј.