Се отвораат базените, хотелите, објектите за сместување – ќе работат по посебни протоколи

Владата на денешната 69-та седница го донесе Протоколот за работа на базените за пливачките клубови во државава, со кој се утврдува дека базените се отвораат само за членови на пливачките клубови, но не и за рекреативно пливање, информираат од Владата.

На седницата е донесен и Протоколот за работа на угостителски објекти за сместување, односно, за хотелите и другите угостителски објекти за сместување кој почнува да важи од понеделник, 22 јуни.

„Протоколот ги уредува процедурите за хотелско-сместувачкиот дел на објектите, потоа препораките и мерките за прием и сместување на гостите, ресторанските процедури, употребата на тоалетите, како и препораките за гостите и за постапување при појава на случај со симптоми на Ковид-19“, информираат од Владата.

Исто така, на денешната седница Владата ја дополни Уредбата со законска сила за примена на Законот за здравствената заштита за време на вонредна состојба, а со тоа им овозможи на приватните здравствени установи да хоспитализираат и да укажуваат нега и терапија на болни од Ковид-19.

Според последните информации на Министерството за здравство, на Инфективната клиника во Скопје се хоспитализирани 90 пациенти, а во болницата „8-ми Септември“ се хоспитализирани 120 пациенти.

„Во болницата во Битола се хоспитализирани 27 пациенти, а во болницата во Штип се хоспитализирани 21 пациент. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово и Прилеп се хоспитализирани 74 пациенти – позитивни и сомнителни на ковид-19“, информираа претходно од МЗ.

Вкупната бројка на активни случаи на Ковид-19 во земјава изнесува 2.331 лице.