Се крати дворот на ОУ „Кочо Рацин“ за да се прошири улицата кон Водно

Град Скопје започна со рушење на оградата на основното училиште „Кочо Рацин“, при што на сметка на школскиот двор ќе се проширува улицата што преку Водно води до Сончев град. Од Општина Центар обвинуваат дека скопскиот градоначалник го узурпира просторот за играње на децата, иако ветил дека ќе ја преиспита одлуката.

„Ова е срамна одлука. Заради бизнис интереси и продажба на луксузниот комплекс Сончев Град, тој реши да го скрати местото за играње на децата кои учат во ова училиште. Срамно е што веќе ништо не може да ја предомисли власта кога се во прашање бизнис зделките. Дополнително, одлуката на советот на општината за промена на ДУП-от е донесена незаконски, со само 11 гласа. Граѓаните добро се сеќаваат на таа криминална одлука која јас одамна ја обжалив пред Уставниот Суд. Трајановски сега да дојде и да им објасни на родителите зошто ќе им се скрати дворот и зеленилото каде секојдневно растат нивните деца,“ смета градоначалниот на Центар Андреј Жерновски.

Градежните работи на теренот се во тек. Се планира кратење на дворот на училиштето од 1,7 метри, по целата должина од околу 100 метри. Училиштето се наоѓа на подножјето на Водно, по улицата „Водњанска“ неодамна преименувана во „Мајка Тереза“, која важи за една од најоптоварените со сообраќај во Скопје. Улицата потоа продолжува кон новите згради на Водно, а понатаму стариот крак се двои кон Средно Водно, додека новиот ја обиколува планината и продолжува од другата страна, кон Сончев Град.