Се ближат изборите за студентски собранија на УКИМ, најголем дел ќе се одржуваат електронски

Електронски ќе се спроведуваат најголемиот дел од изборите за нови студентски членови и претседатели во факултетските собранија при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, информира актуелниот претседател на Универзитетското собрани Борјан Ефтимов.

Одлуката дали ќе се одржуваат со физичко присуство или електронски била оставена на самите факултетски студентски собранија.

„Во случај да се со физичко присуство би се одржувале според редовните правила, а во случај да се електронски, изборите се организираат според упатство донесено од студентското собрание на УКИМ. Според упатството, изборите може да се организираат преку платформа која гарантира тајност на гласање, а платформата ја одржува или Факултетот за електротехника и информациски технологии, или Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, во зависност од тоа кој факултет-организатор со кој факултет ќе се договори“, појаснува Ефтимов.

Сите студенти на својот мејл ќе добијат официјален линк за гласање на денот на гласањето.

„Може да го отворат еднаш, да гласаат, а при тоа не се запишува кој за кого гласал, туку кој гласал и на крај се сумираат резултатите“, образложи тој.

Платформата што ја нудат од ФЕИТ е „LimeSurvey“ е надворешна и ќе биде потребно претходно да се внеси дата база. Ефтимов вели дека веќе ја тестирале и се покажала успешна. ФИНКИ, пак, за изборите го нуди својот систем за евалуација.

„Изборниот процес да биде транспарентен“

До редакцијата на Радио МОФ денеска пристигна реакција од студент на Филозофскиот факултет кој вели дека дури вчера пристигнало известување преку е-мејл за отпочнување на рокот за пријавување за член во матичното собрание, кој трае до утре (30 октомври). Ова според него е прекраток период.

На 9 октомври, Факултетското студентско собрание на Филозофскиот факултет ја споделило Одлуката за распишување на избори закажани на 9 ноември преку веб-страницата на факултетот. Но, таа информација до овој момент не ја сподели и на својата Фејсбук страница, или до мејлот на студентите, туку на својот Инстаграм профил.

Известувањето за постапката за номинирање, пак, како и одлуката за потребни услови за пријавување на кандидати за избор на претседател на ФСС се објавени на веб-страницата на Филозофскиот факултет завчера (27 октомври), а преку мејл вчера до студентите пристигнало само известувањето за постапката за номинирање на претставници во ФСС, кога веќе е започнат рокот за испраќање на кандидатурите.

Според Одлуката за распишување на изборите која беше испратена до Радио МОФ, стои дека според член 4, стои обврската дека повикот треба да се испрати до сите студенти.

„Изборниот процес е веќе почнат, меѓутоа под прашање е до колку студенти стигнала истата информација и дали постои доволно време за истите да размислат и да се приклучат на процесот. Известувањето идеално би требало да пристигне најмалку еден месец пред отпочнување на рокот за пријавување или најмногу една недела пред истиот“, стои во реакцијата која стигна до нас.

Ефтимов ги повика факултетските студентски собранија на транспарентно и целосно информирање на студентите за изборниот процес.

„Со цел да има потранспарентни и полегитимни избори, покрај формалниот дел што сите информрации се објавуваат на огласна табла на факултетот, би требало и е фер, сите факултетски собранија да ги споделуваат информациите и на своите социјални медиуми, како и тие да се испраќаат на официјалните мејл адреси на студентите“, истакна тој.

Радио МОФ го контактирање ФСС на Филозофскиот факултет преку нивниот Инстаграм профил, но до овој момент не добивме одговор.

Е.П.