Сашка Цветковска, Љубиша Арсиќ и Билјана Николовска добија награди од ЕУ за истражувачко новинарство

Мисијата на Европската унија во земјава, заедно со Македонскиот институт за медиуми (МИМ) ги додели наградите за истражувачко новинарство за стории објавени во македонските медиуми во 2014 година.

Првата награда ја доби новинарката на Нова, Сашка Цветковска, за сторијата „Шпионот земјопоседник“, во која е откриено дека директорот на Агенцијата за разузнавање Сашо Мијалков поседува голем имот во Чешка, кој не е евидентиран во неговиот анкетен лист.

Втората награда ја доби новинарот на Фокус, Љубиша Арсиќ, за серијата текстови поврзани со аферата „Афис“ – техничката опрема на МВР за која постои сомневање дека е користена за изработка на пасоши кои се користеле за злоупотреби на изборите.

Третата награда отиде во рацете на новинарката на телевизија Телма, Билјана Николовска за прилозите поврзани со случајот на малата Тамара Димовска, која почина чекајќи пари за операција од Фондот за здравство.

Прворангираната приказна е наградена со 4.000 евра, а втората и третата со по 3.000 евра. Наградата, која на добитниците им ја врачи шефот на делегацијата на ЕУ во земјава, Аиво Орав, ќе се доделува и во следните две години. Жирито годинава го сочинуваа претседателката Марина Тунева и членовите: Сефер Тахири, Ерол Ризаов, Билјана Петковска и Зоран Бојаровски.