Samsung го претстави првиот телефон со закривен екран

Јужнокорејската компанија „Samsung Electronics” го претстави првиот смартфон на светот со закривен екран, верзија на моделот Galaxy Note, кој го доведе овој азиски гигант чекор поблиску до развојот на уреди со флексибилни, па дури и нескршливи екрани.

Samsung го претстави првиот телефон со закривен екран„Ова претставува прв чекор кон нескршливите екрани за гаџети и пофлексибилните уреди. Меѓутоа, засега овој нов мобилен телефон повеќе е симболичен производ”, изјави Нам Дае-Јонг, аналитичар во компанијата „Hana Daetoo Securities”, додавајќи дека „Samsung Electronics” сé уште нема капацитети за производство на закривените екрани со поголеми димензии за новиот модел Galaxy Round.

Galaxy Round претставува обид на јужнокорејската компанија да го предизвика интересот на купувачите за мобилните телефони со закривени екрани, иако тој веројатно нема да стане хит, бидејќи му недостигаат другите карактеристики коишто би го направиле попривлечен, смета Нам.

Инаку смартфонот на „Samsung” со 12,7 центиметарски закривен екран Galaxy Round тежи само 154 грама. Овој паметен телефон првично ќе биде достапен само на пазарот во матичната Јужна Кореја по цена од 1000 американски долари, а сé уште не е донесена одлука за негова продажба на странските пазари.

Извор: Макфакс/Reuters