Самостоен концерт на Рундек Карго Трио во Скопје

Легендарниот хрватски музичар Дарко Рундек во рамки на оф-програмата на 17-тиот Таксират фестивал ќе одржи самостоен концерт, на 30 ноември во МКЦ во Скопје. Некогашниот лидер на култната група „Хаустор“, која беше еден од предводниците на „новиот бран“ од почетокот на осумдесеттите години на минатиот век, со своето „Карго Трио“ се враќа пред македонската публика со промоција на извонредниот и нов албум „Мостови“.

Секогаш необичниот Рундек, веќе одамна го зацврсти своето реноме на вешт и искусен музичар кој е во состојба да го промени музичкиот пристап на секој нов албум, додека истовремено успева да го задржи својот препознатлив печат. Згора на тоа, албумот „Мостови“ доаѓа и како круцијален доказ дека авторот и по 35 години кариера е сѐ уште во полн творечки нагон.

Албумот кој официјално беше објавен на 25 мај годинава носи свеж и поинаков звук од првиот албум на Рундек Карго Трио („Плави авион“, 2010). Дарко Рундек, Душан Враниќ и Изабел Катала овојпат се инспирирани од престојот на Јадран, но на овој албум се вткаени многу стварни и нестварни патувања – од Индија до Франција, од Шведска до вселената…

Незаобиколни се и фантастичните музички критики кои ги собра ова музичко остварување, според кои станува збор за едно од ремек делата на регионалната музичка сцена во последните дваесет години. Албумот е оценет како вистинско ескапистичко патување надвор од орбитата на тажното секојдневие, кое воедно е поглед кон себе и својата средина од која и изникна Рундек.

Покрај концертот на Рундек Карго Трио, во рамки на офф-програмата на 17. издание на ТАКСИРАТ ќе се одржат повеќе настани, од кои веќе се најавени втората меѓународна музичка „ПИН конференција“ на 27 и 28 ноември во МКЦ, која ќе биде затворена со годинашното издание на „Лузер Фест. Главната вечер на Таксират е закажана на 7 декември во „Метрополис Арена“.