Самоглас отвори конкурс за аудио адаптација на четири уметнички ракописи

Здружението за афирмација на уметност „Флуктус – Скопје“, во рамки на проектот „Самоглас – мобилна апликација“, распиша конкурс за уметничка литература.

Четири од пристигнатите дела ќе бидат обработени во форма на аудио книги и ќе бидат поставени на Самоглас.

Самоглас“ е веб платформа која нуди пристап до аудио библиотека која претставува понов модел за претставување на литературни содржини на македонски јазик. Секој може бесплатно да ужива во аудио книгите преку креирање на кориснички профил на www.samoglas.mk.

“Овој конкурс е отворен за сите ракописи на македонски јазик, независно од тоа дали се претходно објавени или не. Предност ќе биде дадена на романи и збирки поезија или проза. Делата треба да бидат пратени од страна на самите автори, преку пополнување на електронска форма која може да се најде на следниов линк  и дополнително да го испратат ракописот во електронски (пдф) формат на contact@fluctus.mk со назнака За конкурсот „Слушни ја својата книга“, известуваат оттаму.

Ракописите ќе бидат оценети од страна на тричлена стручна комисија, а информациите за четирите избрани дела ќе бидат објавени најдоцна до 30 септември 2020 година. По објавување на резултатите, секое дело ќе му биде доделено на различен актер кој ќе биде задолжен за креирање на аудио форматот.

Авторот ќе добие можност да поразговара со актерот пред да се пристапи кон обработка на делата. Аудио книгите ќе бидат поставени на платформата samoglas.mk во месец декември, со тоа промовирајќи ја и мобилната апликација на „Самоглас“. Конкурсот ќе биде отворен до 7 август 2020 година.