Само 3 отсто од младите се задоволни од нивното место во општеството, најмладите најголеми оптимисти

Апатични, невклучени и незаинтересирани е генералната слика за младите во Северна Македонија. Тие изразуваат голема недоверба кон институциите, кога би можеле би си отишле од државата и немаат волја да се вклучат во оппштествени иницијативи. Но, ова во најголем дел се однесува кај младите на возраст од 30 до 35 години, додека оптимизмот се уште е присутен меѓу најмладите. Ова го покажува најновото обемно истражување на Фондацијата за демократија на Вестминстер.

Истражувањето, спроведено со телефонска анкета на 1025 млади меѓу 15 до 35 години, покажа дека 6 од 10 млади лица веруваат дека воопшто не можат да влијаат врз тоа како работат властите. Една третина сметаат дека земјата ќе биде подобро место за живеење за низ за 5 години од сега, а 60 отсто веруваат дека Северна Македонија ќе стане земја членка на Европската Унија, но 70% од нив мислат дека тоа ќе се случи во следните 5 години.

Според Мартин Галевски, автор на истражувањето, 10 отсто од младите се чувствуваат сигурно кога размислуваат за својата иднина, а само 1,1 отсто од нив сметаат дека општеството дава голема перспектива, додека 80 отсто мислат дека перспективите се мали или никакви.

„86 отсто од младите кои сметаат дека земјата ќе стане член од ЕУ не размислуваат да се иселат, затоа економските интеграции стануваат уште поважни“, смета Галевски.

Во однос на младите и иселувањето, само 5 отсто би се вратиле ако си одат од државата. Ова според Галевски укажува дека за најголем дел од младите иселувањето е билет во еден правец. Тие би се вратиле единствено поради семејството, ако се подобри ситуацијата во државата или за одмор.

Кога станува збор за доверба во институциите, 80 отсто сметаат дека воопшто или делумно властите не се грижат за нивните проблеми. Разочараноста е поизразена меѓу албанската младина – 65 отсто од нив велат дека властите воопшто не се грижат за нив.

Ова според Галевски, е резултат на недостаток на дијалог меѓу младите и властите за да се лоцираат работите што им се важни.

Оценката за задоволството за работата на институциите, пак, во просек изнесува „добар“ 2,5. Истражувањето покажува дека нема институција на која младите посебно и’ веруваат или ја ценат.

Младите и политиката

Истражувањето ја покажа и конзервативната страна меѓу младината. 59% сметаат дека за припадниците на ЛГБТ заедницата не треба да има место во политиката, а 84% сметаат дека на државата ѝ е потребен лидер со „цврста рака“.

Поразително, според Галевски, е тоа што 90% никогаш не биле дел од граѓанска или невладина организација, а 7% се изјасниле дека се членови на политичка партија, а 20% се симпатизери. Но, 63% од нив се согласуваат дека сите политички партии се исти.

Според Дамир Незири, претставник на Фондацијата за демократија на Вестминстер, потребно е повеќе да се работи со најмладите.

„Имаме можност да работиме особено со оние млади до 18 години, но и со некои до 24 години за да се осигураме дека тие ќе бидат што е можно повеќе вклучени, затоа што истражувањето покажува јасна корелација меѓу луѓето кои биле вклучени на ниво на политички партии, или граѓански организации, и нивната среќа со нивното место во општеството. Без разлика дали успеале да направат промена, фактот дека биле вклучени ги прави многу посреќни и многу попозитивни кон иднината“, смета тој.

Потребен е дијалог меѓу младите и институциите

Препораките кои произлегуваат од истражувањето воглавно се однесуваат на воспоставување дијалог и соработка помеѓу младите и институциите. Стефани Спировска, претседателка на Младинскиот образовен форум, ја нагласи потребата од редовни младински сесии најмалку 2 пати годишно за да се следи прогресот на политиките за млади. Потоа, повеќе финансии од Владата и Агенцијата за млади и спорт на младинските организации и нивните активности.

Таа побара да се изедначат секторот за млади и секторот за спорт кој во моментов е далеку поголем од оној наменет за млади. Во Собранието, пак, предложи Спировска, потребно е да се донесе Законот за млади кој ќе повлече сопствен буџет за исполнување на активностите.

„Потребно е да се размисли и за формирање на Комисија за млади која ќе овозможи јасна и посветено работа кон младинските прашања и сите одлуки наменети за нив“, истакна таа.

Покрај ова, посочи на потребата од формирање локални граѓански совети и обезбедување простори за локалните младински организации, но и да се обезбедат конкретни работни позиции како младинскиот работник. Во однос на партиите, Спировска побара да се промени начинот на работа на политичките подмладоци, односно да се зголеми независноста која ја имаат младите во рамки на партијата.

Настанот вклучи и дискусија на која со свој став се обрати и министерот за образование и наука Арбер Адеми.

„Преку ова истражување се иницираат нови идеи и можности за соработка. Неколку од заклучоците кои на нас ни беа презентирани претходно, се вклучени во новите закони во образованието преку кои се овозможува поголема вклученост на учениците во процесот на одлучување за програмите во нивните училишта“, рече тој.

Амбасадорката на Обединетото Кралство Рејчел Галовеј, пак, оптимистички гледа на младата генерација.

„Јас ја гледам денешната младина отворена за идеи, инклузивна, брутално искрена и социјално одогворна, свесна за животната средина, информирана и глобално поврзана. Ние сакаме да ја ангажираме младината и да ја зголемиме нивната вклученост. Ние мораме да го видиме светот низ нивните очи“, истакна таа.

„Општеството мора да реагира итно, бидејќи сите ние знаеме колку е важно да имаме силна и здрава младина“, додаде Галовеј.

Според неа, само со инвестирање во младите, ќе има подобри лидери во иднина.

Дискусија: Поддршка на Младинското Политичко Учество

Дискусија за поддршка на младинското учество, дел од конференцијата „Социо-политичко учество: Апатија, оптимизам или разочараност?“. Дискутираат: Арбер Адеми (МОН), Дарко Каевски (АМС), Невенка Стаменковска – Стојковски(пратеничка), Зоран Трајчевски (АВМУ), Душица Перишиќ (ЗЕЛС), Стефани Спировска (МОФ)Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEFWestern Balkans Democracy Initiative

Posted by Младински образовен форум – МОФ / Youth Educational Forum -YEF on Wednesday, 18 December 2019

Е.П.