Романтика на месечината за 10.000 долари, најавува основачот на Moon Express за десет години

Нема да помине премногу време додека обичните луѓе добијат шанса да го поминат својот одмор на месечината. Во интервју за CNBC, основачот на Moon Express Навин Џаин кажа дека е уверен дека за една деценија ќе бидат можни комерцијални патувања на месечината.

Moon Express е првата невладина компанија која обезбеди дозвола од американската администрација да слета на месечината. Нивниот план е да испратат возило-робот на површината на сателитот на Земјата во 2017 година, кое би требало да направи испитување за најдобрите места за рударство и експлоатирање на минерали и ретки елементи.

Компанијата за истражување на вселената е поттикната од Google Lunar XPrize, глобален натпревар кој нуди 30 милиони долари за приватната компанија која ќе приземји објект на површината на месечината.

Но, одењето во вселената како турист не е ефтино. Virgin Galactic кои планираат да испраќаат туристи во вселената, наплаќа 250 илјади долари за едно место, сума која може да ја дозволат само богатите и славните. Пониската цена би значела и повисок интерес кај луѓето за вселенска авантура. Џаин изјави дека патувањето на месечината станува поефтино и дека за краток период цената би можела да се намали на само неколку илјади долари од мисија.

„Мисијата која првично не чинела 25 милијарди долари да стигнеме на месечината, следната година ќе не чини 7 милиони долари и ќе продолжи да се намалува секоја година. Во следните десет години, цената за патување до месечината ќе чини 10 илјади долари“, вели Џаин.

Со пристојна цена за комерцијален лет до месечината, тој смета дека месечината постепено ќе стане интересна дестинација за романтични двојки.

Времето за патување, исто така, ќе се намалува. Џаин вели дека да се стигне до природниот сателит на Земјата ќе биде можно за четири часа, што е побрзо отколку времето потребно да се стигне од Њујорк до Лондон.

Џаин најави и дека е подготвен да соработува со Елон Маск од SpaceX проектот, кој има поамбициозен план – да ги однесе луѓето на Марс. Таа мисија е малку посложена, бидејќи според Маск, патувањето до оваа планета е опасно и дури може да биде фатално поради значајните температурни разлики и високата радијација.