„Ролинг Стоунс“ пристигнаа во Куба за историски концерт

Британската рок група „Ролинг стоунс“ вчера пристигнаа во Куба, каде што вечерва ќе го одржат историскиот бесплатен концерт, кој ќе биде одржан по низа години забрана на нивната музика. По пристигнувањето во Хавана, Мик Џегер кратко ги поздравил Кубанците на шпански јазик и изјавил дека е среќен што е на овој остров. Концертот ќе се одржи три дена по посетата на американскиот претседател Барак Обама.

Бендот пристигнал со приватен авион, со околу 60 техничари и членови на семејството. Концертот ќе се одржи во спортскиот комплекс во Хавана, „Сиудад Депортива“.

„Бевме на многу посебни места во текот на нашата долга кариера, но оваа мисија во Хавана ќе биде пресвртница за нас, а се надеваме и за сите наши пријатели на Куба“, се вели во соопштението на групата, пред да пристигнат во Куба.

На улиците на Хавана немало рекламни плакати за денешниот концерт. Официјалните продавници во Куба и понатаму одбиваат да ја продаваат музиката на „Ролингстоунс“. За да го купат нивниот албум, Кубанците мора да ги пронајдат препродавачите на пиратски дискови.

Во текот на најрепресивните години на Кубанската револуција, помеѓу 60-тите и 90-тите, рок музиката се слушала само на тајни собири, а постоела и тајна берза на касети и плочи.
Кубанците биле принудени да ја слушаат оваа музика во тајност, позајмувајќи си цд-а меѓу себе. Покрај „Ролинг стоунс“, забранети за слушање биле и групите „Лед Цепелин“, „Дип парпл“.