Стотина ученици кои се пријавиле во медицинското училиште во Битола д-р Јован Калаузи, се повикани да си ги земат документите и нема да можат да ја продолжат учебната година во ова училиште, објави телевизијата Тера.
Ваквата одлука денеска предизвика протест пред училиштето каде родителите и децата бараа одговор од директорката на медицинското училиште за ваквата одлука.
Според првиот човек на ова училиште Јасмина Никиќ Десановска и годинава како и годините наназад после 25-ти август поради тоа што имало слободни непополнети места од уписните рокови, тие запишувале ученици со помалку поени за да се пополнат слободните места.
Претходно за ова побарале одобрение од ресорното министерство. Но овој пат добиле одговорот дека не се одобрува запишување на ученици со помалку поени. Директорката на училиштето на родителите им ветила дека ќе бараат решение за учениците, а ваквата ситуација може да е проблем и за неколкумина професори кои можат да се соочат со прогласување технолошки вишок.
Извор: Тера