Рио 2016: Порака за еднаквост од активистка го разлутило обезбедувањето

Иранска навивачка на олимпискиот натпревар била испрашувана од обезбедувањето поради истакнат транспарент „Пуштете ги жените од Иран на нивните стадиони“ и маичка со истиот натпис која ја носела.

Дарја Сафаи, која стоела во првите редови покрај теренот на одбојкарскиот меч меѓу Иран и Египет, изјавила дека обезбедувањето побарало да ја напушти арената Мараканазињо, но таа била одлучна да остане.

„Ми рекоа дека не го сакаат транспарентот пред камерите и побараа да си одиме. Ова не е прв пат да имам вакво искуство, но нема да се откажам затоа што тоа го прават жените од Иран – продолжуваат да се борат за своите права“, изјавила Сафаи која на мечот била заедно со пријателки кои носеле маички со иста содржина.

Меѓународниот Олимписки Комитет забранува политички ставови на Олимписките игри.

Родена во Техеран, сега живее во Белгија, 35 годишната Сафаи е активист за родова дискриминација и основач на организацијата „Пуштете ги жените од Иран на нивните стадиони. На жените во Иран претежно им е забрането да присуствуваат на исклучиво машките спортски настани во земјата.

Сафаи планира да се појави со истиот знак во арената Мараказињо повторно. Таа покрај транспарентот и маичката, носеше и трака на главата со боите на иранското знаме.

„За натпреварот во понеделник повторно имаме билети и ќе го повториме истото“, рекла Сафаи.

Во 2012 година долгогодишната забрана за жени на фудбалските натпревари во Иран беше проширена и на други спортови како одбојката.

Жените од Иран на телевизија ја забележале пораката на Сафаи и изразиле поддршка преку пораки на социјалните мрежи.

„Олимпискиот дух, кој е против дискриминација, е она што им е потребно на Иранките во нивната земја. Треба да биде право на секого, мажи и жени, да присуствуваат на спортски натпревари. Жално е што жените треба да патуваат до Бразил за да го гледаат и да навиваат за нивниот национален тим“, рекла таа.