Режисерката Ана Андонова со награда од Романија, откако граѓаните и помогнаа да учествува на натпреварот

17-годишната Ана Андонова, аматерска режисерка од Тетово, освои сребрен медал во категоријата на краток филм од меѓународниот натпревар за проекти „Infomatrix 2017“, кој минатата недела се одржа во Романија.

Нејзиниот аматерски филм „Секунда до вечноста“, доби награда во категорија на 50-тина други филмски проекти од целиот свет, но, она што беше специфично наградата на Ана е што нејзиното учество го овозможија граѓаните.

Во неможност сама да го плати патувањето, Ана организираше краудфандинг кампања за прибирање средства, на која успешно беа собрани потребните 285 долари за нејзиниот престој во Романија.

„Чувството кога некој ти дава донација е посебно. Бев пресреќна на секој долар што ќе го добиев. Благодарна сум на секој што ми помогна.  Ги замислував луѓето, кои лично не ме познаваат, како го виделе филмот и со добро срце одвоиле пари и имале надеж во мене“, раскажува Ана за нејзиното искуство.

Катчето на Ана на Infomatrix 2017

Ана, која го завршува гимназиското образование, додава дека во недостаток на средства морала да најде креативни начини за да ја постигне својата цел. Нејзиното искуство, на некој начин, е идентично со приказната со која се соочува главниот лик во филмот – балерина која и покрај повреда на ногата наоѓа начин да настапи на големата сцена.

„Сличноста е интересна. Кога се соочив со ситуацијата не помислував дека има начин и покрај тоа што во филмот балерината успеа. На крајот на сличен начин ја надминав ситуацијата. Но, идејата за филмот доаѓа од ситуации во секојдневието. Цел живот ги гледам тие случки – луѓе на кои им е потребн помош и кои мислат дека не можат да направат некои работи. Така и мојата идеја дека балет може да се игра и на патерици – дека, на некој начин, сè е возможно“, додава таа.

Филмот е изработен без буџет, објаснува Ана. Во лоши услови, на температури од 10 степени под нулата. Нејзините идеи биле ограничени од ресурсите, но, додава дека токму тоа кај неа поттикнало поинаков вид креативност.

„Се нафатив аматерски да снимам и тоа носи свои предизвици. Сметам дека вистинскиот уметник треба да наоѓа начини за да твори. Во овој случај тоа беа донациите како мали чекори кои се надодаваат и токму во тоа беше убавината – секој помогна по малку и на некој начин учествуваше во филмот.  Имав многу добра екипа со која соработував за филмот и голема помош од Светлана Сиљјаноска, која многу помогна во наоѓање на повеќе луѓе кои донираа свои средства. Тоа ми будеше надеж дека ќе успеам во целта“, вели таа.

Ана смета дека вакви кампањи за собирање средства треба да продолжат, како за поддршка на уметноста, така и за помош на луѓе кои се соочуваат со здравствени проблеми. Најавува дека ќе продолжи да прави филмови аматерски, додека се уште не одлучила дали и своето образование ќе го насочи во уметноста.

„Немаш средства, но имаш голема слобода да ги најдеш тие средства. Отсекогаш нашите уметници имале многу пречки. Долгогодишен член сум во „Летечката театарска трупа“, сум видела секакви проблеми кои уметниците ги доживуваат како рутина. Уметноста е потребна во нашето општество за да немаме таков монотон живот“.

Даниел Евросимоски