Рецензија: Студент со бизнис-план доби 5.300 евра

„Може да имате милион идеи, но сите се безвредни доколку не преземете нешто да ги реализирате. Можеби сакате да основате свој бизнис, да креирате нешто ново, и секогаш си велите дека не е вистинското време. Вистински момент не постои, треба сами да го создадете.“

Ова е цитат на еден од поударните текстови за студентите-претприемачи, што го рецензираме овде. Пишувањето за студентски теми и згора за вистинско, издашно помагање на креативноста на нашите високошколци е толку ретко, така што темата за наградените претприемачи навистина делува освежително. И тоа со суми од кои обичниот човек го боли главата. Но, ако случајно побарате да ги видите тие наградени млади луѓе, немате шанса. Во ниту еден медиум нема фотографија на која ќе видите кој добил прва, втора, трета награда. Но, затоа фотографиите на оној кој ги делел наградите – министерот, се насекаде.

Рецензија: Студент со бизнис-план доби 5.300 евра

Линк до оригиналниот напис: Студент со бизнис-план доби 5.300 евра

Вистинитост: Првата награда и чек од 330.000 денари доби Дане Тодоровски за бизнис-планот „МЕО –  Мрежа за електронски отпад“. Второнаградена е Аделина Селими за бизнис-планот „Warlander“, за кој доби чек од 230.000 денари. Третата награда и чек од 140.000 денари му припадна на Блерант Рамадани за бизнис-планот „In Safe Eco Energy“.Тоа се факти, кои секако се најважни. Но, најважно е да се фрли светлина и врз проектите и врз студентите, а за тоа има многу мотиви и – потреби. Можеби за нив ќе заинтересира некој. Вистинитоста на настанот, особено ако се оди „на лице место“, се потврдува и низ други информации за кои се заинтерeсирани, ако никој друг, барем буџетските обврзници.

Извори на информации: Секако дека официјалниот дел од веста е неопходен да задоволи основно ниво на „поддржаност“ од релеватен извор. Но, дали е тоа доволно? Колку проекти имало на натпреварот, дали интересот бил голем, како стручното жири ги оценува понудите на младите луѓе претприемачи? Впрочем, зошто тие сега одеднаш добиваат високи награди и дали ги заслужуваат (што е конкретниот придонес на проектите)?

Содржајност: Кога се оди на настан без барем просечна љубопитност за истиот, се добива текст како наведениот, во кој, пред сѐ, страда содржајноста. Или на крајот останува само пустата пропаганда дека министерот дал пари и дека нив одреден број лица, за кои не знаеме ниту како изгледаат, ги примиле!

Пристрасност: Основата на ваквите текстови е да се покаже формата (власта го помага претприемништвото) а не суштината (влијанието на конкретниот проект врз економијата, технологијата, науката…). Оттаму ние остануваме скусени да видиме кој е Дане, Аделина или Блерант и да почувствуваме дека се тоа луѓе од крв и месо?

Оригиналност/Плагијат: Текстот, наспроти гламурозната најава, е недофтлив за да се утврди авторството. Значи, не може точно да се утврди дали е преземен и преработен или е дел од присутво на новинарот на настанот. Нема ни потпис на новинарот.

Квалитет на насловот: Насловот е сензационалистички и го прикажува претприемништвото повеќе како учество во некаква лотарија, што се должи и на раритетноста на вакви награди. Нема сомнение дека тој делува како магнет за читателот.

Фотографија: Клучниот момент на спинот во веста е фотографијата, која е еден вид портрет на (само)задоволниот министер Сараќини. Предаден е како стои зад изобилство микрофони, со широка насмевка на лицето, како да завршил голема работа за општеството . Или нешто си сторил добро за себе? Ние, всушност, немаме никаков начин да ја најдеме врската меѓу настанот и токму оваа избрана фотографија на „оној кој дели награди“. Дали воопшто е тоа, пак, фотографија од овој настан? Целосно непрофесионална поставка на фотографија на текст заради додворување на висок јавен функционер.

Заклучок:  Овој напис е пример како медиумите ги деперсонализираат луѓето кои не се, во крајна линија, подобни да бидат ѕвезди! И тоа е реликт на таблоидното новинарство во кое, после сѐ, остануваат само „најважните“ работи во македонското новинарство – парите и политичарите.

Рецензент: Љубомир Костовски

Објавено од Сервис за проверка на факти од медиумите

Оваа рецензија е изработена во рамките на Проектот на УСАИД за зајакнување на медиумите во Македонија – Компонента Сервис за проверка на факти од медиумите, имплементирана одМетаморфозис. Рецензијата e овозможенa сo поддршка на Американската агенција за меѓународен развој (УСАИД). Содржината на рецензијата е одговорност на авторот и не ги одразува ставовите на Метаморфозис, УСАИД или Владата на САД. За повеќе информации за работата на УСАИД во Македонија, ве молиме посетете ги веб-страницата (http://macedonia.usaid.gov) и Фејсбук-страницата на УСАИД (www.facebook.com/USAIDMacedonia).