Ресторани во Дубаи им нудат попусти на вакцинираните гости

Три ресторани во Дубаи им нудат попусти на гостите кои се вакцинирани против коронавирусот, објавено е на социјалните мрежи, во моментот кога процесот на вакцинација во земјата успорува, поради одложувања во испораката на вакцините на компанијата „Фајзер“.

Рестораните, хотелите и продавниците се повторно отворени во Дубаи, каде исто така се отворија и границите за туристите, со цел да се оживее овој важен сектор за економијата.

„Прва доза: 10 отсто попуст. Втора доза: 20 отсто попуст“, објавија рестораните на Фејсбук и Инстаграм, прецизирајќи дека за тоа ќе биде потребен и „доказ“, како лекарско уверение.

Во средината на декември, во Дубаи започна кампања за вакцинација, откако беа одобрени кинеската вакцина на компанијата „Синофарм“ и американско-германската вакцина на компаниите „Фајзер“ и „Бионтек“.

Сепак, здравствените власти за време на викендот најавија дека процесот на вакцинација со вакцините на „Фајзер“ ќе забави, поради доцнење со испораката.

Па така, Владата истовремено одлучи и да ограничи одредени активности и да ги зајакне мерките за физичко дистанцирање. Тие исто така ги повикаа граѓаните да пријавуваат кршење на тие мерки преку мобилна апликација.

Според официјалните податоци, повеќе од два милиони луѓе од вкупно 10 милиони жители, досега примиле вакцина.

Во земјата регистрирани се повеќе од 280.000 случаи со коронавирусот, а речиси 800 лица починале.