[Репортажа] 20 години „Amsterdam Dance Event“

2289 артисти, 510 говорници, 1001 настан, неверојатни 365 000 посетители и 500 претставници на различни медиуми. Се прашувате од каде се овие бројки и каде водат, а одговорот е многу едноставен. Локацијата на местото има координати 52° 22′ 0″ N, 4° 54′ 0″ E 52.366667, 4.9 . Сето ова се случуваше во градот на слободата – Амстердам.

Името на настанот кој и оваа година успеа на едно место да ги спои сите е Amsterdam Dance Event. Во периодот од 14 до 18 октомври бевме дел од ова реално музичко – културно и уметничко шоу. Колку е значаен овој настан во светски рамки, како и за самиот град Амстердам, можевме да се увериме уште по самото излегување на главниот влез на железничката станица Амстердам Централ. Само што зачекоривме по влажните тротоари на градот, при првиот видик во фокусот ни се најдоа могубројните знамиња кои се вееја по мостовите, пред клубовите, галериите и на проштадите каде што се одржуваше некој настан во рамките на фстивалот. Буквална запоседнатост. Следејки ја агендата прво на листата беше подигање на акредитациите од луксузниот хотел „art’otel“ сместен во строгиот центар на градот. Топлиот пречек на орагнизаторите на самиот почеток навести беспрекорна организација и незаборавна забава. Следна дестинација беше нашиот дом сместен во едно од многубројните пристаништа, во кој требаше да го најдеме мирот по напорните вечери и дневните активности. Детално ги разгледавме материјалите, ги лоциравме клубовите и галериите (над 115 ) и почнавме во детали да го разработуваме распоредот.

Првата вечер беше резервирана за порелаксирано журкање во еден клуб сместен во центарот на градот. Знам дека нема да биде изненадување, но вечерта на 14-ти во клубот ,,NL” беше организирана од македонски менаџер, господинот Саша, а публиката добро ја размрдаа и DJMike Steva заедно со Gramophonedzie. Синхронизиран сет со примеси на локални звуци кој на моменти личеше и на „back 2 back“ нaстап. Нема да бидеме пристрасни ако кажеме дека публиката се забавуваше како на голема журка на главната сцена. Вечерта ја доведовме на конец во кафе-клубот Schuim каде битот го возеше Orlando Voorn, инаку познат на нашата публика по гостувањeтo во Скопје минатата година.

Денот го искористивме да посетиме еден наш DJ, Марко а.к.а.ME.N.U.,кој е веќе одомаќен во Амстердам. По редовните активности на разгледување на градот и борбата со туристите дојде време за заземање хоризонтална позиција и полнење на батериите. Оваа вечер на агендата беше Mediahaven, извонредна локација која се претвора во фестивал на три нивоа. Ги спрегнавме точаците и се упативме на северо-исток. По пат не изостанаа фотографиите на грандиозните ултра модерни градби кои цело време правеа да не ни биде ни секунда досадно. Пред Mediahaven имаше цел паркинг специјално направен за точаци и тишина пред самиот клуб. Се прашувавме што ли се случува внатре?! Се раскомотивме (секој клуб беше опремен со т.н. locker- сеф каде ги остававме непотребните парчиња облека) и на ,,level” број еден не пречека легендарниот Solomon, во препознатлив стил возеше низ неговиот сет исполнет со многу deep ultra funky basselines и комбинации од hip hop, funk, disco и ретро звуци.  И на крај, за големите фанови и оние што електронската музика ја пратат од нејзините почетоци Solomon сетот го затвори со легендарната трака DerDritteRaum – Hale bopp(1998). Да резимираме – Solomon не донесе до точка каде телото се двоеше од умот. Музиката престана да свири и на ред дојдоа овациите од публиката.

Тоа што веќе беше шест часот наутро не значеше и крај на забавата. ADE на агендата има забави кои почнуваат со почетокот на работниот ден . На точаци стигнавме до следната дестинација, Клубот Closure во кој на програмата беше Breakfast, диџеи и храна. Откако го искусивме ова невообичаено искуство, решивме на програмата да и дадеме уметнички шмек. Се упативме кон Melkweg Expo, галерија во која беа изложени графики од Trent Kuhn, Max Philippi, Sasa Ostoja и други автори. 

Почнувајки го третото „утро” во Амстердам, полека ги средувавме ипресиите во нашите глави. Футуристичките градби, динамиката на градот, ведрите лица на Холанѓаните, лудите журки и се тоа во исто време пропратено се ласерски прецизна и беспрекорна организација. По традиционалниот холандски појадок интензивно ги листавме матријалите и гледавме во програмата со цел да ја испланираме вечерта која доаѓаше. Петок како и на секое друго место секогаш има најжешка програма. Ни се јави нашиот пријател DJ ME.N.U., кој ни предложи да правиме вечера во неговиот апартман. Секако без размислување прифативме. Денот го искористивме за прошетка (точаците беа главно превозно средство) низ градот, возејќи низ улиците со знамињата во жолто црна боја, доказ за влијанието на фестивалот врз градот во текот на неговото траење. За тоа се уверивме и преку музичката парада која се движење по главните улици на Амстердам, придружувана од десетина камиони, од секој ечеше различна музика и околу илјада луѓе кои потсетуваа дека во овие пет дена забавата е буквално на секој чекор.

Посетивме еден од маркетите Albert Heijn, и по успешно направените набавки, ги натоваривме точаците и се упативме кон апартманот на нашиот пријател Марко. Во пријатна атмосфера со разговори во кои доминираше ADE, електронска музика и воодушевувања за животот во Холандија и Амстердам тргнавме кон дома. Планот за таа вечер беше малку поразличен. Брза дремка и откривање на Амстердам низ поинаква перспектива. Вечерта беше резевирана за ноќно крстарење низ улиците на Амстердам (со посебен фокус на северниот дел од градот покрај брегот), каде се сместени градбите од новото архитектонско време. Журката дојде малку подоцна, на Breakfast party во клубот Closure. Оттаму денот го завршивме во настариот и „coffee shop“ во Амстердам, Bull Dog.

Полека дојде и последниот ден од нашата авантура. Задоволни од тоа како ги минувавме деновите, откако се разбудивме започнавме со планирање. Покрај одлуки за тоа на кој диџеј да одиме оваа саботна вечер, требаше да го организираме и враќањето до аеродромот во Ајндховен. Агендата беше преполна, во секој клуб звучни имиња. Се решивме да одиме на нешто поразлично, NDSM или фестивалот Dockyard. До местото се стигнува со траект (вечерта возеше специјално за потребите на фестивалот), полн со млади луѓе кои имаат една дестинација и иста цел. Веднаш штом стигнавме се упативме кон халата каде сет имаше PacoOsuna. Paco, во негов стил ги држеше сите на куп во главната хала која беше преполна.

Забавата ја продолживме на сет од DJ Stefano Noferini кој ја тресеше публиката со чист tech – house ритам. Инаку Dockyard беше целосно импровизиран комплекс, халите беа шатори кои собираа по неколку илјади луѓе, опкружен со вода, хангари, кранови и хотели од висока класа. Официјалните бројки потврдија присуство на 10.000 луѓе кои во текот на 24 часа го посетиле фестивалот. Од Dockyard се упативме кон Mediahaven на чија агенда беа Apolloniа, Seth Troxler, The Martinez Brothers и David Squillance. Вечерта ја исполнивме со неколку часови константна “бас линија” придружена со funk, dance и techno ритам. Иако забавата течеше во полно темпо, бевме приморани да ја напуштиме и да се упатиме кон Amsterdam Cenеral Station од каде го продолживме патувањето кон Скопје.

Нашите импресии од самиот фестивал и од градот Амстердам не може лесно да се опишат со зборови. Дефинитивно ADE e „must see event“, барем еднаш во животот, а ако направите и добар план и организација верувајте дека може го посетите и почесто. Во Амстердам може да најдете сместувамње за многу пристојна цена, а целокупниот превоз нема да ве чини многу. Транспортот во градот е многу едноставен. Само рентате велосипед и секоја дестинација ќе биде ваша.

Интересни факти за ADE.

  • Фестивалот ADE прв пат се одржал во 1996 година, оваа година го славеше јубилејното 20. издание;
  • Покрај многубројните журки во рамките на ADE се одржуваат и многу изложби, конференции за трендовите во електонската музика, менаџерството во електронската музика, најновите технолошки достигнувања во музичка опрема;
  • Во рамките на ADE се одржува и натпревар во готвење помеѓу диџеите. Оваа година првото место го освои данскиот DJ Kölsch;
  • Под покровиелство на ADE на 16 и 17 октомври на Амстердам арена се одржува Amsterdam Music Festival каде се избира најдобриот светски диџеј на годината. На пиедесталот годинава се браќата Dimitri Vegas & Like Mike;
  • ADE секоја година го отвора градоначалниот на Амстердам;
  • На голем број од забавите влезот е слободен, а забавата е подеднакво добра и динамична како и на местата каде се напраќа влез.

#ade15,  Огнен Тилиќ и Александар Стојановски