„Релапс“ – изложба на Иван Ивановски во галеријата на МКЦ  

Од 3 до 13 ноември во галеријата на МКЦ ќе се биде поставена изложбата на Иван Ивановски – „Релапс“.

Меѓу другото, кураторот Владимир Јанчевски вели дека во услови на развиен страв од новиот бран на епидемијата, блокирана имагинација и очекувани економски, социјални последици, изолацијата не исправа пред предизвици за начините кои ќе се гради иднината. Преку сликите мислиме, на поинаков начин.

„Сликата е феномен кој на различни начини ја разрешува и/или комплицира нашата релација со стварноста, како некаква мапа за ориентација или како параван зад кој се сокрива нешто“, вели Владимир Јанчевски

Според кураторот, изложбата насловена „Релапс“ е сложена целина од составена од неколку серии слики во различни формати кои на интересен начин се испреплетуваат на галериските ѕидови, но особено преку специфичното фрагментирање во каталогот.

„Иван Ивановски поставува едно клучно прашање за позицијата на човекот во урбаната средина, како маргинален елемент, за дезориентацијата, за обидите да се разбере времето во постисториската сегашност. И секако за аналогната слика во дигиталниот свет, која се спротивставува на својата одамна најавена смрт, и е во активна релација со други слики, асоцијативно градејќи јазик кој ја прави видлива нашата дехуманизација, но истовремено и се спротивставува преку психоделична разиграност на елементите“, посочува Јанчевски, кој е самостоен истражувач што живее и работи во Скопје.

По разгледувањето на изложбата на Ивановски, потенцира тој, ќе можеме да се запрашаме, да прашаме, да поразговараме за делата, да размислиме што сме виделе, на кој начин не допира и не засега, да напишеме коментар, да се потсетиме на претходните изложби, да ги лоцираме „Симптоми“, да „Издишеме“, да чуеме „Шум“, да ги откриеме навреме „Пулмоналниот јазол“, да го вратиме филмот наназад, за да можеме да претпоставиме и да до доживееме она што ќе следува во 2021 година.

Инаку, Иван Ивановски (1983, Скопје) работи скулптури, цртежи, инсталации, слики , видео, филм и анимација. Има реализирано 17 индивидуални (Скопје, Куманово, Гевгелија, Њујорк, Љубљана, Берлин…) и повеке групни изложби, меѓу кои и – Биенале на млади уметници од светот (WEYA) , NewArt Exchange (Нотингем, Англија, 2012), Биенале на млади уметници од Европа и Медитеранот (Рим, Италија, 2011), Фестивал за визуелни уметности и независен филм 4 синхронизирани градови (Приштина, Амстердам, Сараево, Скопје, 2010), PROJECT(OR) ART FAIR – платформа за современи уметнички простори(Ротердам, 2007), IndependentDrawingGig (IDG) Vol. 2, Музеј на современа уметност, (Скопје, 2006)…

Ивановски е автор на скулптурите „Луѓе-птици“ во Градскиот парк. Неговите анимирани филмови се претставени на различни регионални и интернационални филмски фестивали. Во моментот работи на неговиот 5ти краток анимиран филм – Јадица. Во 2014 година е добитник на наградата за млад ликовен уметник „Денес“ која ја доделува Центарот за современи уметности од Скопје во соработка со Фондацијата за граѓанско опшество од Њујорк.

Изложбата е поддржана од Младински културен центар, Министерство за култура и Град Скопје.