Волонтери во Индија засадија над 66 милиони дрвја за само 12 часа, со што поставија нов светски рекорд.
Приближно 1,5 милиони луѓе беа вклучени во огромната кампања, при што садници беа поставени долж реката Нармада во централната држава Мадја Прадеш во неделата.
Индија има обврска со Парискиот договор да ја зголеми својата шумска површина на 95 милиони хектари пред 2030 година, како дел од борбата со климатските промени.
Минатата година, волонтери во државата Утар Прадеш поставија светски рекорд со засадување на над 50 милиони дрвја во еден ден.
Набљудувачите на Гинисовата книга на рекорди, исто така, го мониторираа засадувањето во неделата и очекуваат дека во наредните недели ќе го потврдат трудот за поставување на нов рекорд.
Кампањата е организирана од владата во Мадја Прадеш, каде се садеше во 24 области покрај реката Нармада, со цел да има поголеми шанси садниците да успеат. Волонтерите засадија над 20 различни видови дрвја.
Премиерот Шиврај Синг Шухан ја опиша акцијата како „историски ден“.
Тој рече дека во волонтирањето се приклучиле деца, како и возрасни луѓе, кои заедно засадиле 66,3 милиони садници помеѓу 7 часот наутро и 19 часот навечер.
„Со садење дрвја ние не само што и служиме на Мадја Прадеш, но и на светот во целина“, напиша тој во твит.
Индија е трета во светот со најголеми емисии на јаглерод.
Премиерот Нарендра Моди минатиот месец ја потврди обврската на државата кон Парискиот договор, откако Америка се повлече од договорот.
„Заштитата на животната средина и мајката земја е предмет на вера“, рече тој за време на заедничка прес-конференција со францускиот претседател Емануел Макрон.