Регионална конференција на Мајкрософт во Скопје

Мајкрософт за Централна и Источна Европа денеска во Скопје организира регионална конференција „Вистински импакт за подобро образование“ на која учествуваат повеќе ИКТ експерти и наставници од регионот и од Европа за да разменат искуства за примената на современата технологија во образовниот процес.

Фото: МИА

Стефан Плавјански, директор на Мајкрософт за Македонија и Косово, изјави дека на регионалната конференција ќе се детектираат слабостите и се што треба да се направи за тие да бидат надминати.

„Ова е единствена можност да ги презентираме достигнувањата кои нашиот тим од 15-ина луѓе ги постигна од почетокот на програмата „Партнери во учењето“. Во меѓувреме инвестиравме повеќе милиони да се подобри образованието во Македонија, но поважно е тоа што го постигнавме – вклученост на околу 5.000 наставници и околу 25.000 студенти и ученици и признанија на светско ниво. Наставници и ученици од Македонија во изминатите три години освоија прво, второ, трето место на светски олимпијади“, истакна Плавјански на конференцијата, пренесе МИА.

Генералниот директор на Мајкрософт за Централна и Источна Европа, Труди Норис-Греј, рече дека ИКТ го менува животот во современиот динамичен свет и им овозможува на луѓето да бидат попродуктивни и поефикасни.

„Заедно треба да се ангажираме за подобрување на талентите на идните генерации. Програмата „Партнери во учењето“ насекаде во светот има повеќе од два и пол милиони студенти, а бројот се уште расте“, рече Норис-Греј.

Министерот за образование и наука, Спиро Ристовски ги посочи проектите што МОН во изминатите неколку години ги спроведе во оваа област како „Компјутер за секое дете“, воведувањето дигитални содржини во образованието, апликации за наставни предмети, електронски учебници и други е-портали. Тој додаде дека како ресорно министерство, МОН ќе продолжи да ги доопремува училиштата во ИКТ сферата.