Референдум: Навредливи графити пред гласачки места, проблеми со УВ лампи и инцидент во Ново Лисиче

Според податоците на Државната изборна комисија, до 11 часот своето гласачко право на референдумот го искористиле 8,03% од гласачите.

Oд ДИК изформираат дека досега до нив пристигнале седум приговори за повреда на избирачко право, три се одбиени, а четири се во обработка.

Проблеми со УВ лампи, фотографирање на гласачите и прекршувања на гласачкиот молк, се дел од забелешките на набљудувачите на невладината организација „Цивил“.

Посериозен инцидент се случи во скопската населба Ново Лисиче, каде 22-годишно лице ги навредувало граѓаните кои излегле да гласаат. Тој потoa ги нападнал и полициските службеници кои интервенирале.

Во дел од скопските општини гласањето започнало подоцна и посочуваат дека изгубеното време треба да се надополни.

Покрај ова, информираат и дека многумина гласачи ги нема на избирачкиот список и не можат да гласаат.

Од МОСТ, пак, до десет часот соопштија дека нивните набљудувачи пријавиле дека во селата Јагуновце и Прибилци биле забележани навредливи графити пред гласачките места.

Покрај ова, во село Рич кај Струмица, ласањето било прекинато во период од 50 минути затоа што УВ ламбите не функционирале. По интервенција на надлежните, гласањето продолжило во 8:30 часот.

До Комисијата на Јавното Обвинителство за следење евентуални противправности сторени при организирањето и спроведувањето на референдумот досега не е пријавен кривично правен настан или посериозен инцидент кој би значел повреда на правото на гласање.