Reel Rock филмска турнеја на алпинистички филмови во МКЦ

За прв пат во Скопје во  Младинскиот Културен Центар (Џебно кино во 19:30) ќе биде претставена традиционалната Reel Rock филмска турнејата, со светски најдобрите и најгледани алпинистички филмови.

Reel Rock филмска турнеја на алпинистички филмови во МКЦ

Оваа година македонската публика ќе има можност да го проследи и деветтото продолжение на Reel Rock, кое го носи долго очекуваниот документарен филм ‘Valley Uprising’ (Бунтот во Долината) на американските филмаџии Peter Mortimer и Nick Rosen.

Деветтата по ред Reel Rock филмска турнеја, што започнува на 11-ти септември и трае се до јануари 2015 година, ги прикажува најдобрите филмови за алпинистичките авантури на публиката ширум светот. Така, оваа година, заедно со скоро сите поголеми градови низ светот, со поддршка од Амбасадата на САД и Скопје ќе ја има несекојдневната можност да ја гледа премиерата на најновото издание на Reel Rock во поднаслов “Valley Uprising – Yosemite’s Rock Climbing Revolution”.

На Reel Rock проекциите алпинистите, авантуристите и љубителите на природата се здружуваат за да ја прослават и искусат сржта на авантуристичкиот филм. На скопското издание ќе има и претставување на гостите од Србија Оutdoor collective, кратки видеа од српската качувачка сцена, презентација за етика во качувањето под наслов „Не оставај трага”, проекција на видеото Commit to The Pact на Access Fund, интервју со Brady Robinson од Reel Rock Tour Белград, презентација на Александар Кирковски по повод 150 години од првото искачување на Матерхорн и изложба на оutdoor фотографии од Македонија на Христијан Трајчевски и Тони Димитров.

Во 2013, Reel Rock се емитуваше на повеќе од 400 локации во светот, привлече повеќе од 100.000 публика, собра над 35.000$ за разни активистички цели, склучи партнерство со повеќе од 150 разни претставници, качувачки и болдер сали и забележа извонредна медиумска покриеност и пофални критики.