[Рецензија] „Госпоѓица Јулија“ – реалистичен приказ за класните разлики, љубовта и предавството

„Госпоѓица Јулија“ на Август Стринберг, под режисерската палка на младиот режисер Горѓи Ризески, е болен и трауматичен приказ за социјалните разлики и револтот од потчинетоста на луѓе кои вредат помалку од тебе, но должен си да се наведнуваш пред нив бидејќи општеството така налага.

Приказна за желбите и амбициите згазени од чизмите на „повисоките“, и за потребата од нормален, мирен и скромен живот на оние кои имале сѐ, освен топлина и дом, оваа претстава изобилува со пресврти и изливи на бес и лажна љубов.

Жан, слуга кој уште од детството во себе гаи привлечност кон својата господарка Јулија, но и презир и завист кон нејзината класа, понесен од пијанството и нејзината убавина поминува една ноќ со неа, кроејќи план со нејзините пари да побегнат заедно, бегајќи од срамот кој го сториле.

На Јулија ѝ се допаѓа идејата крај себе да има некој кој ќе ја сака и ќе се грижи за неа, бидејќи на себе го носи товарот од комплицираната врска на нејзините родители и недостатокот од љубов и внимание, но не размилсува дека Жан е подол и од неа бара само благосостојба. Кога Јулија му открива дека нема ништо свое и нема како да плати за тие да заминат во Швајцарија, Жан ја користи нејзината слабост што му се предала на еден обичен слуга, и ја понижува велејќи ѝ дека иако му е господарка, тој е илјада пати повреден од неа, која е една безвредна жена која не знае да се почитува ниту себеси.

Во овој двочасовен фестивал на караници и навреди, во кој расположението паѓа и се крева, а плановите меѓу љубовниците постојано се менуваат, единствената константа е моралното расипување и смалување на секој од ликовите во очите на гледачот. Со секоја реплика, Жан е сѐ помал и поодвратен, а Јулија сѐ повеќе го губи сожалувањето за нејзиното несреќно детство. Кристина, која во ситуацијата се чини најголема жртва и единствената со цврст морал и вистински вредности, го покажува своето вистинско лице кога му прогледува на свршеникот Жан низ прсти само заради едно – желбата за материјална благосостојба во иднина. Таа е простодушна девојка со едноставни желби, која не знаејќи да ја игра играта на триаголникот во кој е вплеткана без нејзина желба, утеха бара во верата.

Оваа претстава е огледало на неморалот, зависта и гниењето на душата кога се посакува нешто што никогаш нема да се добие. Но, како што одамна рекле „подобро е кратко да леташ и да паднеш, отколку никогаш да не знаеш како е на небото“. Жан не може тоа да го сфати, па затоа неговиот пад е болен. Успева да ја скрши Јулија и да ја понижи доволно за да смета дека некогаш бил над нејзе, иако ги чисти чизмите на татко ѝ и за да се чувствува важен краде од неговото вино. Но таа, сфаќајќи дека никогаш нема да има мир и спокој, решава да пресече.

Она што мене ме исполнува во овој текст на Стринберг е распадот на сѐ што блеска и за кое луѓето сонуваат. Кога еднаш ќе го допрат дното, луѓето се исти – безвредни, скршени, мали и сами, без разлика дали носат свила или партали. Скромноста и простодушноста се одлики со кои малкумина се гордеат, но на долгиот пат полесно се стигнува со мали и стабилни чекори. Оној кој е обземен со себе и не знае да ги почитува „помалите“, завршува сам и омразен. Актерите Теоман Максут, Миа Кантарџиева и Емине Халил одлично „се смалија“ на сцената, за што и ги заслужија стоечките овации.

Стефанија Тенекеџиева