Реактор: Висока нееднаквост меѓу мажите и жените во сите сегменти во општините

„Нееднаквоста меѓу жените и мажите во речиси сите општествени сегменти на ниво на општини е висока. Нееднаквостите се високи во сопственоста на имот, политичкото учество на локално ниво, вработеноста, просечната плата и просечната пензија. На пример, во просек во општините на секои 10 вработени мажи има само 6 вработени жени. Единствена област во која жените имаат поповолен статус е образованието“, велат од Реактор – Истражување во акција, кои со поддршка на Проектот на УСАИД за граѓанско учество изработи Индексот на родова еднаквост во општините во Република Македонија.

Во Индексот се анализирани родовиот јаз, соодветни услови и колку општините се родово одговорни.

„Го создадовме Индексот на родова еднаквост на општините заснован на убедувањето дека за нашиот колективен напредок, жените и мажите мора да имаат еднаков пристап до можности и услуги, кои се планирани и креирани во согласност со нивните специфични потреби“, соопштува организацијата.

За Реактор загрижува што општините дури и кога имаат родово одговорни програми, честопати не се распределуваат буџетски средства за реализација на тие програми и поддршка на активностите кои го подобруваат животот на жените во општините.

„Секој трет од анализираните документи со кои општините ги планираат родовите мерки, немапредвидувања за потребните финансиски средства за имплементација, а само од 8 општини добивме податоци колку средства од буџетот на општината се потрошени за планираните програми, активности и мерки за унапредување на родовата еднаквост. Во исклучително ретки случаи општините соработуваат преку директна финансиска поддршка со граѓанските организации кои нудат сервиси за подобрување на животот на различни категории на жени (еден пример се шелтри за згрижување на жени жртви на насилство)“, забележува Реактор.

Индексот исто така, велат тие, потврди многу индикативни релации. Односно, нееднаквоста во вработеноста меѓу жените и мажите е поголема во општините каде нема државни градинки.

„Во просек, во општините каде нема градинка на секои 10 вработени мажи, има само 4 вработени жени, додека во општините каде има барам една градинка, на секои 10 вработени мажи има 7 вработени жени. Нееднаквоста во плати е поголема во општините каде платите во просек се повисоки што покажува дека мажите значајно доминираат на управувачки работни позиции и позициите на моќ“, вели организацијата.

На промоцијата на Индексот се обрати Мила Царовска, министерка за труд и социјална политика која потенцираше дека оваа алатка, која за прв пат се изработува во Македонија, ни ни дава основа за да можеме да видиме дали се движиме во вистинска насока со сите политики.

Директорот на Канцеларијата на УСАИД за општ развој, Едвард Гонзалез истакна дека  очекуваат подобро разбирање на разликите помеѓу жените и мажите во секоја општина во областа на економијата, образованието и социјалните услови, како и услугите што ги нудат општините кои промовираат родова рамноправност, како што се градинките, домовите за стари лица и објектите за лица со попреченост.

„Учеството на повеќе заинтересирани страни, ги поттикнува вашите напори за пронаоѓање на успешни решенија за промовирање на родова еднаквост“, рече тој.

Апостол Симовски, директор на Државниот завод за статистика (ДЗС), дополни дека и овој Завод подготвува ваков Индекс, но на национално ниво, кој ќе овозможи и паралели со состојбите на ЕУ и светот.