Реакција од Град Скопје на текст за Градскиот парк

Градот Скопје реагира на текстот објавен на ден 13.04.2017 година, со наслов „Градски паркови, а не градски градилишта“, кој беше објавен на Республика, а ставот на авторот беше реобјавен и на Радио МОФ.

Според Градот, тврди дека во текстот „се објавени голем број на лаги и шпекулации и истите служат за понатамошно дезинформирање на јавноста во однос на ова прашање“.

„Градот Скопје реагира на овој тенденциозен текст, полн со лаги, невистини и шпекулации поврзани со изградбата на на новиот забавен парк во Градскиот парк во Скопје. Авторот, иако на повеќе места има поставено интернет врски до стории каде што јасно стои дека забавниот парк ќе биде на истата локација и на истата површина, во континуитет низ овој текст користи термини и конструкции како „нов проширен Луна парк во Градскиот парк во Скопје“, со што ја манипулира и наведува јавноста дека истиот ќе биде во поголем обем и површина од постоечкиот забавен парк.

Авторот на овој текст е селективен при изборот на извори кои ги цитира, притоа си дава за право едни да ги третира како легитимен извор на информации, додека кога како извор се зема Градот Скопје, истиот е предмет на неверување и лична интерпретација.

Коментирајќи една реакција на Градот Скопје на еден натпис објавен во интернет портал, авторот вели дека „Иако демантот од Град Скопје беше брз и оттаму полемизираат околу димензиите и квадратурата на забавниот парк и уверуваат дека нема значајно да се оштети зелената површина на паркот, без притоа да приложат било каков план за градба или за работа…“. Доколку авторот на овој текст издвоил неколку минути да ја прочита реакцијата на Градот Скопје, лесно ќе дошол до заклучок дека Градот Скопје како институција не полемизира, туку ги соопшти фактите кои се познати согласно проектите и сите урбанистички документи.

Во однос на наводите за нетранспарентност, за сите потребни информаци авторот можел во секој момент да се консултира Градот Скопје и да му се постават конкретни прашања, како надлежна институција за Градскиот Парк и проектот за изградба на нов забавен парк. Сепак во овој текст, во обид да се прикаже некаква „издржана“ основа за стручен текст, авторот решава да се повика на други, исто така, лажни и тенденциозни информации, а резултатот е текст со личните ставовите на авторот.

Навистина е тенденциозен обидот да се прикаже Градот Скопје како нетранспарентен околу проектот за реконструкција и изградба на забавиот парк во Градскиот парк, кога за него се говори повеќе декади, а со најобично пребарување на интернет секој може да пронајде неверојатно голема количина на информации од сите фази на овој проект, од планирање, преку буџетирање и спроведувањето на процесот на јавните набавки и самата реализација. Навистина ни е тешко да поверуваме дека и покрај постоењето на стотици вакви текстови и информации кои се достапни за јавноста, авторот на овој текст не успеал да најде ниту еден од нив“, стои во реакцијата на Град Скопје.