Реакција на Средношколски пленум: Додека сме на училиште, не сме ваша сопственост

Почитувани, господа, професори, директори, родители, средношколци – колеги. Низ ситуацијата во која се наоѓа нашата држава, нема заинтересирани страни, а ни најмал простор за решавање на најголемата кочница на образованието и интелегенцијата – екстерното тестирање. Тргајќи од ова, ние како средношколци, немаме (барем сега) можност за решавање на истото, што не значи дека сме се откажале од битката. Но по последните случувања, со протестите за зачувување на унитарноста и против двојазичноста, бевме вмешани и ние како најнезасегната и најнеповикана страна на „браникот на ситуацијата“, реагираат од Средношколски пленум.

Ви ја пренесуваме целата реакција на Средношколски пленум:

Најстрого досега, го осудуваме, вршењето на притисок, ограничување на движењето и слободата на учениците! Почитувани, дозволете да ви разјасниме: НИЕ ДОДЕКА СМЕ НА УЧИЛИШТЕ, НЕ СМЕ ВАША СОПСТВЕНОСТ! Во моментот кога го кренавме нашиот глас против проектот што ја загрозуваше нашата иднина, бевме таблоидно, јавно и транспарентно осудени, заклучувани во училиштата како во поправни домови и тоа беше осудено како начин на кој се узурпира и бесполезно прекинува наставата. Сега по само 2 години истите тие господа, директори, професори, нѐ тераат да се приклучиме кон нешто што нималку го компромитира и тангира нашето битисување во училиштата и училишниот систем. Исто така строго го осудуваме обидот и револтирани сме, на изнесените написи во одредени медиуми кои преку спин и манипулација сакаат да ги претстават учениците кои се на одмор – како се упатуваат на протести во Скопје. Искрено се надеваме дека ваквото пропагандистичко и таблоидно изнесување на вести ќе престане, а средношколците нема да бидат на удар на политички групации. Повикуваме на зрелост и смиреност, а од надлежните институции и ресорното министерство недвосмислена и итна реакција.

Средношколците се да го збогатат своето знаење, да инвестираат во својата иднина и во иднината на цела Македонија, да се спротивстават едногласно кон нешто што го попречува и ограничува тој процес . Средношколците не се „живо топовски месо“ ниту „пиони“, а најмалку пак политичари во оваа земја.

#ПоздравПленумци