Расте бројот на смртни случаи правејќи ризично селфи, науката бара одговори

Само минатата година, 24 милијарди селфи-фотографии биле прикачени на сервисот Гугл Фото, но овој популарен тренд истовремено е следен и со трагичен. Во 2014 година, 15 луѓе загинале правејќи селфи, во 2015 бројот се подигнал на 39 смртни случаи, а само во првиве осум месеци од 2016 година регистрирани биле 73 лица кои загинале додека се фотографирале самите.

Оваа загрижувачка статистика отвора прашања – како овие луѓе умираат и дали постои начин вакви несреќи да се избегнат?

Некаков одговор на ова прашање дава научниот труд на Хеманк Ламба и колегите од Универзитетот Карнеги Мелон во Питсбург. Тие ја проучувале природата на смртните случаи од селфи и се обиделе да најдат начин да ги предупредат луѓето кога процесот на правење селфи може да биде опасен.

Нивната задача почнала со собирање податоци за таквите случаи. Ја дефинирале селфи-смртта како „смрт на индивидуа или група на луѓе која би можела да се избегне доколку не правела/е селфи“. Тимот нашол 127 случаи на селфи-смрт, се испоставило дека најголем дел од нив (76) се случиле во Индија. Следеле Пакистан (9), САД (8), Русија (6).

Тимот исто така утврдил дека најчеста причина за смртта бил пад од височина, што ја одразува склоноста на голем број луѓе да прават селфи на рабови на карпи или на врвови на високи објекти. Водата е исто така била честа причина – додека значаен број на смртни случаи ги вклучуваат и двете: висина и вода – случаи како скокање во море од високо или слично.

Интересно е дека во Индија возовите играат голема улога во причините за селфи-смрт. Овој тренд е заснован врз верувањата дека позирањето на железнички шини со најдобриот другар се смета како знак за вечно пријателство.

Во САД и Русија голем дел од смртните случаи како причина го имаат оружјето, што е веројатно последица од отворените закони за поседување оружје, сугерира извештајот на научниот тим.

Ламба и колегите потоа се обиделе да идентификуваат знаци кои би посочиле дека одредено селфи е ризично. Нивната крајна цел била смартфон апликација која би ги предупредила луѓето доколку во близина некој претходно загинал правејќи селфи, или доколку нивната селфи активност можеби е ризична.

Тоа го правеле пронаоѓајќи шаблони во селфи-податоците за смрни случаи и ги искористиле за компјутерски алгоритам кој би забележувал слични шаблони во други селфи-фотографии преземени од Твитер. Тимот забележал дека апликацијата имала 70 проценти прецизност во одредување опасни ситуации.

Апликацијата се уште е во фаза на развој и истражување и ќе биде потребно уште време додека се претвори во успешен механизам за спречување ризични селфи слики.