Расправија на јавната расправа за Предлог-законот за социјална заштита

Искажување ставови, пофалби, аргументи, реплики, критики, но и моменти на расправија без компас донесе денешната Јавна расправа за Предлог-законот за социјална заштита во Собранието.

Расправата се одржа во Комисијата за труд и социјална политика. Граѓански организации, разни здруженија и асоцијации, експерти и лица со попреченост побараа итно донесување на Предлог-законот, потенцирајќи дека социјалната заштита е надпартиска и надетичка, а пратениците да ги остават настрана разликите и да мислат на потребите на граѓаните.

Собраниската сала „Борис Трајковски“ беше полна, за збор се имаа пријавено околу 30 говорници од невладиниот сектор, кои заедно со останатите сведочеа за дофрлувања од претседателот на комисијата Влатко Ѓорчев до министерката Мила Царовска, и обратно. Имаше дофрлања и извици и од пратеничките столчиња. Исто така, дел претставници на граѓанските организации ги обвинија пратениците дека се кочничари на Предлог-законот, со што и Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ, и Јагода Шахпаска од СДСМ, процедурално реплицира на критиките, со одбрана дека парламентарците се залагаат за решение.

Некои од присутните поради настанатата ситуација и препукувања од сите страни, станаа и демонстративно ја напуштија салата. „Ни го земате и трошите времето“, рекоа граѓани упатувајќи се кон излезот.

Претседателот на Комисијата, Влатко Ѓорчев посочи дека ова е проблематика која буквално засега илјадници луѓе индивидуи, но и стотици илјади семејства во земјава.

„За жал, овој закон прво беше предложен од Владата, а потоа повлечен, ставен е сега во итна постапка со европско знаменце, согласно легислативата којашто владата вели дека ја има од ЕУ, но немаме референтна листа врз која европска регулатива се повикува владата“, рече Ѓорчев.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска рече дека предложениот Закон е еден од трите законски регулативи од социјалната реформа со која се преобразува целото општество и начинот на кој државата се грижи за најранливите, но и се воведува праведна распределба на средствата.

„Ние се декларираме како социјална држава, но бевме сведоци дека сите политики кои се креираа во минатото беа токму да ја зголемат нееднаквоста, да трансферираат финансиски средства на побогатите, наспороти посиромашните и затоа денеска имаме бројка од 400.000 наши сограѓани коишто живеат во сиромаштија, а право на детски додаток имаат не повеќе од 3.000 деца“, рече Царовска.

Исто така, посочи таа, новиот пакет закони даваможност за развој и на социјалните услуги, за сите граѓани, организации, компании да основаат социјални услуги, коишто понатаму ќе треба да се акредитираат и лиценцираат.

„Со тоа што реформата не е се уште донесена, повеќе од 30.000 домаќинства не ја добиваат достоинствената парична помош или минимален адекватен приход, повеќе од 60.000 деца не ги земаат детскиот и образовниот додаток, 1.000 вработени и повеќе од 4.000 вработени во градинките во центрите за социјална работа не ги добиваат своите достоинствени плати“, дополни Царовска.

Министерката им порача на пратениците да „излезат од своите партиски оклопи“ и сите заедно да кажат „да“ за социјална правда во Македонија. По говорот, Ѓорчев и порача дека таа не е министер во Шведска, туку во Македонија.

„Доколку навистина сакате ова Собрание да биде попристапно за лицата со попречениот би ве замолил преку Фондот за иновации од тие 300 илјади евра што ги давате на своите пријател, и да овозможите адаптација на оваа сала“, рече Ѓорчев, по што повлече нови довикувања и викотници низ салата.

Ива Михајловска од ХЕРА со пофалби за законското решение, но нагласи дека не сака да верува оти неговото прифаќање е на милост и немилост на пратениците. Законот го оцени како хуман пристап кон социјалната заштита.

„Не сакам да верувам дека законот треба да биде на милост на пратениците за да го усвојат, ако ние тука сме дојдени за да бараме милостина, ние граѓаните кои ги гласавме сите пратеници во парламентарното мнозинство подобро да си земеме еден билет сите и да си одиме, затоа што овие реформи кои се случуваат конечно ги будат граѓаните, ја будат локалната самоуправа и граѓанските организации, конечно да се активираме сите“, рече таа и законот го оцени како надетнички и надпартиски.

Сашко Јованов од Македонска платформа против сиромаштија (МППС) истакна дека мошне важна реформа во законското решение е гарантираниот минимален приход, нешто што, како што рече, Европската комисија се залага да се донесе во сите европски земји.

„Гарантираниот минимален приход нема да дозволи најсиромашните и социјално исклучените граѓани повторно да потпаднат во сиромаштија. Сведоци сме на многу семејства кои се приматели на социјална помош дека немаат финансии нивните деца да бидат рамо до рамо со другите деца во основите училишта. Мерките кои доаѓаат со минималниот приход, детскиот и образовниот додаток ќе овозможат нормални и достоинствени услови за сиромашните за да се чувствуваат сигурни“, рече тој.

Бранкица Димитровска од „Хендикеп плус“ упати критики до министерката Царовска за неприфаќање на голем дел од забелешките кои, како што рече, се однесувале на лицата со попреченост. „Дали мислите дека сите институции се пристапни за нас, агенциите за вработување, бирото, Центарот за социјални работи во Крива Паланка не е пристапен“, рече таа.

Димитровска, дојдена во Собранието во количка, потенцираше дека „нашиот живот е поскап за разлика од нашите сограѓани“.

„За 140 денари покачување на додатокот за попреченост, мене новинарите ми се смееја. Срамота е! Исто така, биолошките родители и згрижувачките семејства повторно се дискриминирани“, рече меѓу другото Димитровска кон министерката, упатувајќи и критики за начинот на спроведување на процесот со личните асистенти, за кои, пак, Царовска рече дека досега воопшто немало ваква можност.

„Нема да прифатиме ништо помалку од она што ни следува. Мора стандардот и живеачката да се подигне на повисоко ниво. Ако веќе имате европско знаменце, барем ставете да бидеме на европски стандард, а не на супстандард со 7.000 денари. Пресметајте, бидете во корелација со Здравство, со Фондот, видете се’ какви давачки имаме“, рече Димитровска.

Според Републичкиот центар за поддршка на лицата со интелектуална попреченост „Порака“, овој закон носи неколку важни промени, меѓу кои и конечна дефиниција за лицата со попреченост. Како позитивна новина ја потенцираа и децентрализација на системот за социјална заштита и вклученост на општините за обезбедување сервисни служби.

„Велиме дека е позитивна промена со воведување на гарантирана минимална помош, односно зголемување на еквивалентната скала за работно неспособни лица со интелектуална попреченост за 0,5. Го поздравуваме и новиот надомест за попреченост, кој всушност е збир на надоместоците за мобилност, слепило и глувост, претходно дефинирани со стариот закон. Меѓутоа, забележуваме дека лицата со умерена интелектуална попреченост, кои претходно беа можни корисници на надоместок за мобилност, под услов да користат количка, не се предвидени со новиот закон“, рекоа од „Порака“.

Бојан Шашевски