Распишан оглас за реновирање на канцеларијата на Иванов

Една година по демолирањето на Народната канцеларија на претседателот Ѓорге Иванов, во центарот на Скопје, распишан е оглас за нејзино реновирање и адаптација.

Реновирањето ќе чини пет илјади евра и во моментот трае прибирањето на понуди од заинтересираните изведувачи.

Канцеларијата на Иванов беше демолирана од неколку демонстранти, кои беа дел од протестите на Шарената револуција, лани на 13 април, еден ден откако тој прогласи аболиција на 56 лица.

Неколкумина беа уапсени, меѓу кои и членови на „Левица“. Тие беа во куќен притвор, по што имаше судско рочиште на кое се појавија како обвинети за учество во толпа. Дел од нив добија парични казни и беа осудени условно, а за дел од нив судењето сѐ уште е во тек.

Вештите лица од Бирото за судски вештачења утврдија дека висината на штетата причинета со демолирањето на Народната канцеларија на претседателот Ѓорѓе Иванов е 8.500 евра, односно 3.780 евра за градежните работи и 4.700 евра за предметите кои биле оштетени или одземени од Канцеларијата.