Раселените лица по поплавите: И она малку што го имавме, ни го снема за миг

„Сè што имавме изгубивме во поплавата. Нема ништо веќе. Живеевме со син ми во една соба во куќата на сестра ми. Избегавме од дома со облеката што беше на нас, и тоа е сè што ни остана. Документите ги изгубивме“, раскажува Садика, која го изгубила својот дом во Инџиково во минатонеделната поплава. Таа, нејзиниот син Насер и сестрите Васка и Сабија се сега сместени во студентскиот кампус на ФОН Универзитет.

За нивното семејство ова не е прва ваква несреќа – кога биле мали го изгубиле домот во Чаир во земјотресот во 1963 година. Нивниот татко, преведувач по германски јазик, дошол од Босна и Херцеговина во Скопје, каде работел во Археолошкиот музеј. Иако татко на шест деца, успеал да им обезбеди пристоен живот и топол дом, кој го збришала природна непогода. Педесет и три години подоцна, истата субина ги снашла и неговите три ќерки.

„Не се ни обидовме да се вратиме во куќата и да спасиме нешто од тоа што остана. Нема како да се стигне до таму, патиштата се непристапни“, раскажува Садика.

Нејзиниот син, 16-годишниот Насер бил во куќата вчера, но кога видел дека се е преплавено со тиња, фекалии и нечистотија, се откажал.

„Главата ме заболе и цел ден не ми помина од смрдеата. Имавме две полски вециња, и фекалиите од нив се насекаде низ куќите на моите тетки. Сè се распадна, толку е гадно што смрдеата е неподнослива“. На фотографиите на телефонот на Насер може да се види дека нивниот дом е сосема уништен – кал има сè до трпезариската маса.

До кога можат да останат во ФОН, не знаат. Среќни се што сега имаат покрив над главата, велат, но долгорочно решение за сместување немаат. Се плашат дека ќе треба да спијат под отворено небо откако ќе мора да го напуштат студентскиот кампус.

„Ни рекоа дека сме добредојдени, имаме сместување и три оброци на ден. Но, што ќе биде понатаму, не знаеме“, загрижена е Садика.

За нејзиното семејство сега единствена надеж е дека државата ќе ги обесштети.

„Ние сме социјален случај, самохрана мајка сум. Имавме малку, а сега немаме ништо“.

Од цело Инџиково, нивната куќа настрадала најмногу.

„Треба да се чисти, да се дезинфицира, да се сменат подовите и поправат покривот и ѕидовите. Ако куќата остане во оваа состојба, подобро да ја запалиме и да спречиме во неа да се прошири некоја зараза“, вели таа.

Благодарни се на сите кои им помогнале и кои ги донеле во кампусот на ФОН.

„Ние сме во шок, не знаеме што да правиме. За еден миг останавме без сè што имавме. Јадевме, надвор врнеше многу, но внатре ни беше суво. Одеднаш во куќата проби цела река вода, за три минути отиде цела куќа. Јас се качив на кровот, мајка ми и тетките се качија на повисока чешма. Едвај спасивме жива глава“, раскажува Насер.

Никој од нив не знае да плива. Раскажуваат дека се спасиле држејќи се на оградата на соседите, за потокот да не ги однесе. Цела ноќ никој не дошол да им помогне. Се јавувале на протвпожарната служба, но не успеале да ги добијат на линија, а немале ни мрежа.

Велат дека многу хумани луѓе им носат донации, и ним им се најблагодарни. Од властите, велат, не наишле на поддршка. Градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски, утредента ги сместил во студентски дом во Автокоманда, но велат дека било нечисто и преполно со лебарки.

Кога се вратиле дома за да пробаат да спасат нешто од поплавениот дом, им кажале дека ФОН нуди сместување за најпогодените семејства, па се сместиле таму. Не знаеле каде да се обратат, бидејќи немаат ниту интернет, ниту пак Насер имал каде да го наполни телефонот без струја.

Во Инџиково велат дека досега немало такво невреме, но било очекувано дека ова еден ден ќе се случи.

„Каналите се затворени сосема. Луѓето кои работат на нивите фрлаат отпад во нив и тоа се полни со години и ниту еднаш не е исчистено. Требаше само еден пообилен дожд за сето тоа да излезе на површина“, критикува Садика.

Нејзината сестра, Сабија, е исто така сместена со нив во ФОН.

„Завчера имав свој имот, а сега дојдов на ова дереџе. Се мачевме со години за да имаме свој дом, сега пак немаме ништо“, раскажува Сабија низ солзи.

Додаваат дека планирале да си го реновираат домот и сите средства кои ги имаат да ги вложат во образованието на најмладиот член – Насер, но сега имаат еден тон други проблеми. Загрижени се дека до зимата нема да најдат трајно сместување. Сега е лето, велат, лесно е да се снајдат. Но, се плашат дека за нив ова ќе биде најтешка зима досега. Апелираат до оние кои сакаат да донираат, дека им недостигаат хигиенски средства и лекови.

Нивната трета сестра, Васка, има тромбоза. Болната нога ја повредила додека се спасувале од поплавата, па вели дека ѝ требаат маст и лекови против болка.

Нивните соседи во собата до нив се шестчлено семејство од Синѓелиќ – Фатмире, нејзиниот сопруг и четирите деца. И во нивниот дом од покуќнината не останало ништо, но после чистењето може да се вратат да живеат на вториот спрат. Најзагрижена е за тоа што ништо од документите не им останало.

„Среќна сум што барем сме сите живи и здрави. Наши соседи ги изгубија децата. Од тоа пострашно нема“, вели.

Раскажува дека пред помалку од една година со сопругот подигнале кредит за да реновираат и да купат покуќнина.

„Купивме нови каучи, бела техника, кујна… Сега од тоа нема ништо“.

Ноќта на поплавата се спасиле од водата качувајќи се на вториот спрат. Иако куќата им била нова и цврста, дрво паднало врз влезната врата, кршејќи го ѕидот и поплавувајќи го целото приземје. Сопругот и најстариот син се обидувале да спасат нешто од првиот спрат, но се откажале кога сфатиле дека водата ќе ги надвладее доколку не се качат на вториот спрат.

„Еден од моите соседи утрото пронајде мртво тело. Децата го виделе, сите поминуваме низ трауми“, вели Фатмире.

Во кампусот моментално се сместени девет семејства, од кои повеќето се со мали деца. Денес се очекува да дојдат уште пет семејства, а меѓу нив има и три трудници. Привремените жители на кампусот велат дека многу хумани луѓе им носат облека и храна, и за тоа им се најблагодарни.

Стефанија Тенекеџиева