Работниците што кампуваат пред Влада го радикализираат штрајкот

Од 11 до 12 часот е најавено блокирање на „Илинденска“ пред Владата, како дел од штрајкот на работниците на „Еурокомпозит“.

На радикалните чекори се приклучија 50 дополнителни вработени, кои им се придружија на колегите во штрајкот.

Синдикатот на „Еурокомпозит“ потенцира дека не прифаќаат времени решенија. Според работниците, несоодветна е понудата од Владата за заем од 6 милиони денари од ЕЛЕМ и МЕПСО.

Од Владата, пак, смируваа дека се свесни за тешката состојба во претпријатието, при крај е анализата за состојбата во „Еурокомпозит“ и дека веќе има заинтересиран купувач, а дел од вработените ќе одат технолошки вишок.

Работниците остануваат во шаторите пред Влада за да ги потсетат владините службеници на „ветувањата од пред два месеца за исплата на 18 заостанати плати и придонеси за 6 години“.