Работилница за звук во природната средина во Лазарополе

„Nature meets technology“ е насловот на работилницата за амбиентална музика, звучен пејзаж и теренски снимки, која по четврти пат ќе се одржи во Лазарополе од 27 до 28 јуни.

Оваа работилница ќе се обиде на едно место да собере локални и интернационални артисти кои се заинтересирани за овие области, кои ќе работат заедно на практичен аудиопроект, со цел да се создаде база за нивна понатамошна соработка.

Станува збор за интерактивна работилница наменета за локални артист и млади кој се заинтересирани за звук, теренско снимање, аудио монтажа и продукција, радио арт, саундарт и сродни области и сите оние кој имаат интерес да се запознаат со основите на звучната уметност. Работилницата ќе се состои од работни сесии, кратки предавања, презентации, дискусии, теренско снимање на звуци и практична работа во природа, преку кои низ текот на оваа работилница учесниците ќе имаат можност прво теоретски да се запознаат со проблематиката и начинот на работа, а потоа и практично ќе се запознаат со концептот на теренско снимање со преносни аудио снимачи, како и целосен третман на снимениот звук од трансфер, монтажа, процесирање, секвенцирање па се до креирање, продукција и изведба на конкретна звучна форма.

Покрај работилницата во склоп на програмата е предвидено да има и поединечни и групни настапи и импровизациски сесии на отворен простор, амбиентални диџеј сетови, презентации на проекти на учесниците, звучни инсталации, а ќе се одржи и звучна прошетка до врвот Соколица.

Работилницата ќе биде под водство на кураторот Тони Димитров, додека  гостин предавач е берлинскиот артист Frank Bretschneider, еден од пионерите на современиот електронски звук. За учество веќе се најавени нови и етаблирани звучни артисти од Србија, Косово, Португалија, Франција, Мексико, Полска.

Како дел од работилницата на 26 јуни во киното Фросина со почеток во 20 часот, ќе се одржи и аудио визуелен перформанс во живо на Frank Bretschneider, со кој ќе го претстави својот последен албум SINN+FORM.