Работилница за зимски гуми во „Педала“

Велосипедскиот социјален центар „Педала“ се буди од празничниот сон и продолжува со работилница за зимски гуми во четврток (17 јануари) од 19 часот.

„Со снегот и ледот доаѓаат и лизгањата со летните гуми. Затоа имаме потреба за подобра стабилност, по безбедно движење со гуми кои имаат шилци. Затоа овој четврток, се собираме да си направиме такви гуми“, велат од „Педала“.

Од Центарот даваат листа од надворешни гуми, штрафчиња, лепак, алат и ракавици за секој кој сака да си направи зимски гуми.

„Од искуство, за да се изработи една гума потребно е еден до 3 часа. Во зависност од дизајнот и бројот на штрафчиња кои ќе се употребат. По потреба, ќе закажеме термин за довршување. Ве молиме да се пријавите за учество во оваа работилница, поради ограничениот простор кој го имаме во ‘Педала’“, соопштуваат од Центарот.

Од таму потенцираат на внимание – изработката на зимските гуми може да биде опасна – некој да се повреди при монтирањето на штрафчињата. Затоа, препорачуваат користење на дебели, текстилни ракавици при работа.

Социјалниот велосипедски центар „Педала“ е поддржана во дел од ЕУ и ЦИКП во рамките на Смарт Старт проектот.