Работилница за работничките права на културните работници

На 29.03 (вторник) од 10:00 до 17.30 часот во Мобилната монтажна Галерија, Скопје ќе се одржи работилница за работничките права на културните работници – Позиција на културните работници во независната културна сцена во Македонија.

Модератори на работилницата ќе бидат Ивана Васева и Билјана Тануровска. Работилницата има за цел да ги прикаже резултатите од истражувањата на Биљана Тануровска – Ќулавковски и Ивана Васева, односно компаративни анализи на закони и правилници од земјите од бивша Југославија и Балканот, како и исчитувања и анализи на закони и правилници од Македонија.

Истражувањата опфаќаат и анализа на документи од Европската Унија и истражувања каде се анализираат работничките права во полето на културата и уметноста. Претставувањето на резултатите е со цел учесниците да се запознаат со состојбите во полето, а и да се поттикнат на промислување на статусот на самостојни уметници и статусот на стручен работник во културата кој во Македонија не постои, односно чии работнички права законски не се регулирани.

Работилницата е во рамки на проектот „Култура за граѓански промени“ на организацијата „ФРУ – Факултет за работи што не се учат“ Битола/ Скопје.

Спроведувањето на проектот „Култура за граѓански промени“ е поддржано од Проектот на УСАИД за граѓанско општество, кој го реализира Фондацијата Отворено општество – Македонија.