Работилница за пишување сценарио на Агенцијата за филм на РМ

Започна работилница за сценарио организирана од Агенцијата за филм на Република Македонија, како дел од конкурсот за поттикнување на пишување на домашни сценарија,  во соработка со филмскиот консултант Кристијан Рут, раководител на програма во Скриптист (ScripTeast).

Целта на оваа работилница е учесниците да ги развијат своите идеи со концепт кој ќе биде одржлив за понатамошна поддршка од страна на Креативна Европа во потпрограмата-МЕДИА. Република Македонија од јули оваа година е членка на Креативна Европа потпрограма МЕДИА, а веќе конкурсите од оваа потпрограма се достапни за филмските работници од земјава.

Во текот на три дена експертот Кристијан Руд ќе работи на развојот на шест идеи за долгометражен филм и во рамките на работилницата освен инвидуални состаноци и развој на секоја идеа поединечно, тој во сесии наменети за сите партиципанти ќе се обиде да им пренесе дел од своето знаење и вештини во сегментот на развојот. Ќе се работи на тоа како учесниците успешно да го презентираат сценариото и себеси, како функционира индустријата, структурата на сценариото и начинот на карактеризација, дијалог и пишување на сцени.

Идеи кои ќе се развиваат во прв драфт на сценарио во рамките на работилницата се:

1. „Сестра” на сценаристите Дина Дума и Мартин Иванов
2. „Сами” на сценаристот Драгана Лукан Николовски
3. „Петар” на сценаристот Георги М.Унковски и продуцентот Дарко Попов од продуцентската куќа Фокус Покус
4. „Адела, Новинар” на Елеонора Венинова
5. „Скриена Камера” на Томислав Алексов
6. „Несудени ”на Марко Црногорски
7. „Нема да си сама ”на Горан Столевски

Скриптист (ScripTeast) е независна филмска фондација која организира програми за обука специјално дизајнирани за талентирани сценаристи од Источна и Централна Европа. Целта на оваа организација е да ги избере најдобрите сценарија и автори и со помош на меѓународни експерти да помогне во развојот на сценариото на филмските проекти кои имаат потенцијал да ги надминат бариерите на локалната приказна и да добијат поширока публика. Основата на Програмата Скриптист не е учење на авторите да напишат сценарио, туку се движи во насока да обезбеди поголема конкурентност на најдобрите проекти.

Кристијан Рут пак е експерт за сценарио и филмски консултант со седиште во Каталонија, Шпанија. Работи за голем број на режисери, продукциски компании и државни институции, вклучувајќи ги Eurimages, Berlinale Residency, Doha Film Institute, the Media Business School, Transilvania Pitch Stop и Binger Film Lab од Амстердам, каде што работи како предавач над 15 години.