Работат како архитекти, фармацевти, инженери – пријавени се како осмоодделенци

Работат како архитекти, фармацевти, инженери - пријавени се како осмоодделенциРаботодавците често ги пријавуваат своите работници на минимална плата, кои по струка може да се архитекти, фармацевти или инженери, па поради тоа, иако вложувале во своето образование, овие висококвалификувани лица ги очекува мачна старост, бидејќи е извесно дека ќе земаат пензии од кои едвај ќе се прехрануваат, објави Нова Македонија.

Просечната плата во Македонија изнесува околу 21.000 денари, но неа можат да ја сонуваат илјадници архитекти, фармацевти, инженери и други профили високообразовани граѓани што за да преживеат се принудени да прифаќаат работа за плата од двесте евра, па дури и помалку. За да ги намалат трошоците, работодавците често ги пријавуваат ваквите кадри на минимална плата, па поради тоа, иако вложувале во своето образование, овие висококвалификувани лица ги очекува мачна старост, бидејќи е извесно дека ќе земаат пензии едвај доволни за да се прехранат. Најдобар показател за тоа колку голем дел од помладата македонска популација буквално преживува од месец за месец се податоците на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), од кои може да се види дека половина од вкупниот број од 323.480 осигуреници во двостолбниот пензиски систем земаат плата до 12.000 денари.

Македонија како држава ќе треба да направи уште многу за да се регулираат правата на работниците бидејќи како што е поставен системот сега често се случува високообразовани лица во Агенцијата за вработување да се заведени како вработени со завршено основно образование, иако работат како архитекти или инженери.

„Се вработив во проектантско студио во Скопје како архитект, каде што секојдневно проектираме станбени згради, фабрички хали и низа други големи објекти. Пријавена сум на минимална плата, иако земам плата од 18.000 денари, од која дел ми исплаќаат на трансакциска сметка, а дел во кеш. Се согласив на таков начин на исплата бидејќи не можев да најдам подобра работа. Ме изненади што сосем случајно открив дека во Агенцијата за вработување сум пријавена како вработена со завршено основно образование. Кога реагирав кај сопственикот, тој ме убедуваше дека се работи за грешка“,  вели К.Б., дипломиран инженер-архитект од Скопје.

На прашањето дали трудовите инспектори констатираат вакви состојби и дали ги санкционираат работодавците што ги пријавуваат своите вработени на најниска можна плата за да избегнат плаќање придонеси соодветно на вистинската висина на плата, во Министерството за труд и социјална политика велат дека според членот 23 став 1 од Законот за работни односи, кога работодавецот вработува работници по пат на јавен оглас должен е да ги наведе условите што се бараат за вршење на работата, пишува Нова Македонија.