Purple Rain – во Нигер се снима филм за „Синиот дожд со примеси на црвено“

Преработка на филмската класика за патот на Prince до славата снимена во Нигер се вика „Син дожд со црвено во него“, бидејќи официјалниот јазик на земјата нема збор за да ја опише виолетовата боја (purple).

Purple Rain, рок операта на пејачот Prince од 1984 година, напишана врз основа на неговиот пат до славата, беше светски хит и заработи повеќе од 80 милиони долари.

Во филмот, музичарот ја толкува улогата на The Kid, пејач од Минеаполис кој се обидува да побегне од семејно насилство и да се пробие на естрадата.

Сега истата приказна се снима во Нигер, место каде „гитарата е кралица“, објаснува Chris Kirkley, човекот кој стои зад овој проект.

Наместо во Минеаполис, дејството на овој филм се одвива во Агадез, најголемиот град во централниот регион на земјата. Главниот лик во филмот е самоукиот музичар Mdou Moctar, кој патува со моторцикл од настап на настап, борејќи се да стане познат.

„Преку Moctar сакавме да прикажеме нешто што западната публика би го гледала и би ѕирнала во животот на гитаристите, но и нешто што луѓето во Нигер, во заедницата на Туарезите, би можеле да уживаат“.

Но, на јазикот на Туарезите нема збор кој може да ја опише бојата виолетова, па наместо Purple Rain, филмот се вика Akounak Tedalat Taha Tazoughai, што во буквален превод значи „дожд со сина боја и малку црвено низ него“.


За Kirkley, ова смешно толкување на вистински начин ја искажува убавината на проектот.

„Идејата да се направи овој култен филм од Западот и да се преработи во Сахара започна како шега“, објаснува. „Но, сфативме дека ако ја земеме оригиналната приказна и ја измениме во преработката, ќе го одразува животот на секој гитарист во заедницата на Туарезите“.

Kirkley, кој проучува и собира музика од сите страни на светот, започнал да го пишува својот блог Sahel Sounds во 2009 година. Оттогаш до денес, обичниот блог прераснал во продукциска куќа која ја издава музиката на уметници од регионот Сахел, меѓу кои и Moctar, главниот протагонист во филмот. Akounak е негов прв филмски проект.

Во Нигер, електричната гитара стана синоним за културата на Туарезите, а е популаризирана од музичарите како Bombino, Terkaft и Tinariwen.

Во Агадез, правецот кој го нарекуваат и „пустински блуз“ е музика за секоја пригода – од свадби до политички митинзи, а конкуренцијата меѓу музичарите е голема.

Филмот, кој е снимен во период од 10 дена во март минатата година, е прв филм кој го направил Kirkley. Вели дека ова е необичен проект и за него, но и за Нигерците.

Извор: Guardian