„Пуч“ – бар во Њујорк кој донира пари на движењето против Трамп

Новоотворен бар во Њујорк, наречен  „Пуч“ (Coup), ги донира средствата кои ги заработува на хуманитарни организации чии средства се укинати откако Доналд Трамп е претседател. Како што велат сопствениците, „не се анти-Трамп бар, туку се про-хуманитарни организации“.

Еднаш месечно, барот ќе пишува „дебел“ чек на организациите чие финансирање е загрозено со новите закони на Трамп, како ACLU и Planned Parenthood. Парите доаѓаат од пијалаците купени во барот (од профитот се одземаат средствата потребни за плаќање на кирија и сметки“.

Во „Пуч“, за секој нарачан пијалак се добива токен. Муштеријата може да го остави токенот во тегла со името на некоја од организациите на кои барот подоцна донира.

Сопственикот на барот Рави ДеРоси и неговиот тим на бармени, го опишуваат „Пуч“ како „непрофитен коктел бар дизајниран да ја задоволи желбата да се преземе нешто“.

Во „Пуч“, бармени ќе бидат и повеќе познати новинари и готвачи, кои гостуваат во барот. Секој може да се пријави да биде бармен, а за возврат треба да избере хуманитарна организација која сака да ја поддржи, како и да создаде нов коктел.

Гостите-бармени заработуваат по 20 долари на час, но цел хонорар исто така го донираат.

Во барот има правило да не се оставаат бакшиши, со што сакаат да помогнат да се донираат повеќе пари во организациите. ДеРоси вели дека сè додека поддржувачите на Трамп немаат проблем со тоа да донираат за различни каузи и организации, сосема се добредојдени во барот, но од нив се очекува да имаат разбирање и почит.

Барот ќе биде отворен за време на мандатот на Трамп.