Публиката и изведувачите во совршена џез-синергија на првиот „Porta Jazz Festival”

Тони Китановски трио, поддржан од гостите Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон викендов во Битола, со добро познат манир на искусни мајстори на џез звукот, го отворија првиот „Porta Jazz Festival”.

Публиката и изведувачите во совршена џез-синергија на првиот „Porta Jazz Festival”

Претходно фестивалот го прогласи за отворен иконата на џез сцената во Македонија Оливер Белопета, кој беше почесен гостин на манифестацијата.

-На Битола и се потребни и заслужува многу нешта. Особено и е потребен еден ваков џез фестивал-рече Белопета.

Во знак на признание на неговите лични заслуги за промоција на џез музиката во Македонија, главниот партнер на фестивалот, “Божиновски часовници и накит” му додели на Белопета лимитирано издание на специјално дизајниран часовник “Generation 27”, врзан за бројот 27 или т.н “Gateway to Heaven”, на швајцарската компанија “Своч” (Swatch), а посветен на елитниот клуб вонсериски музички изведувачи и урбани легенди Brian Jones, Jimi Hendrix, Janis Joplin, Jim Morrison, Kurt Cobain и Amy Winehouse.

-Уште една важна и силна симболика што сакаме да ја одбележиме на првиот „Porta Jazz Festival”е фактот дека годинава се одбележува 27- годишнината од постоењето на European Jazz Network, чиј член на бордот на директори е токму почитуваниот Оливер Белопета – рече Игор Божиновски.

Фестивалот ќе трае до денеска и на едно место ќе ги собере врвните имиња на македонската и пошироката џез сцена. На тридневниот фестивал, битолската публика имаше прилика да ги види и чуе Алек Секуловски, Сашо Поповски, Оливер Јосифовски,”Sethstad”, “Jazzobell Quintet”, Кубанецот Оскар Салас и Американецот Дејв Вилсон.

– Џезот има децениски корени во Битола и ќе направиме се таа субкултура да прерасне во нешто трајно, традиционално и високо вреднувано и од изведувачите и од публиката. Идејата за ваков фестивал повеќе од 10 години полека и долго ферментираше во нашите мисли, и конечно се искристализира како проект кој ќе ја обедини македонската џез сцена и ќе и приреди на публиката незаборавно музичко и естетско задоволство -рече организаторот на фестивалот Влатко Христовски Дадо.

Покрај музичките настапи пред публиката, програмата на фестивалот ќе вклучува џез работилници и проекција на документарен филм за џез иконата Мајлс Дејвис.

Локацијата на настанот во Битола е култниот клуб „Porta Jazz“ , препознатлив како деценско урбано уточиште на добриот звук и трајните културни вредности.

Покрај домашната публика, интерес за фестивалот покажаа и гости од соседна Грција.