ПССЕ: Се почеста појава на говор на омраза кон малцинствата, мигрантите, жените и ЛГБТИ заедницата

Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) изрази загриженост во врска со почестата појава на говор на омраза што поттикнува ксенофобија, расна омраза, антисемитизам, исламофобија и нетолеранција, кои конкретно се насочени кон малцинствата, мигрантите, жените и припадниците ЛГБТИ заедницата, јави дописникот на МИА од Стразбур.

Овој вознемирувачки тренд не ги одминува ни политичарите и говорот на омраза се користи „не само од страна на популистичките и екстремистичките групи, туку, исто така, и од страна на претставниците на партиите од сите политички бои, се истакнува во Резолуцијата на ПССЕ, донесена врз основа на извештајот на српската пратеничка Елвира Ковач.

„Политичарите, и жени и мажи, имаат и политичка обврска и морална одговорност да не користат говор на омраза и на жигосување и веднаш и јасно да ја осудат неговата употреба од другите, затоа што нивниот молк може да се толкува како одобрување или поддршка“, се вели во усвоениот текст.

ПССЕ ги охрабрува партиите и политичките движења да донесат саморегулаторни инструменти, како што се кодекси на однесување или етички повелби, за забрана на употреба на говорот на омраза од страна на нивните членови.

Интернет провајдерите, а особено социјалните мрежи, исто така, треба да ги применат инструментите на саморегулација за спречување и казнување на говорот на омраза и за принудно отстранување на навредливи содржини, се наведува во Резолуцијата.