Прво слетување на комета во историјата

Сондата Розета (Rosetta) која беше лансирана во 2004 година пристигна во орбита околу кометата 67П Чурјумов-Герасименко во август годинава. Таа е првата мисија која што влезе во орбита околу комета и ќе ја прати кометата при најблискиот прелет со Сонцето, пишува Астрономија.мк.

После неколкумесечен престој околу кометата денеска Розета ќе го исфрли лендерот Филе (Plilae) со цел тој да го направи историското прво слетување на комета. Задачата на Филе нема да биде едноставна поради тоа што кометите се многу сложени тела.

Првично тие имаат мала гравитација, второ кога се приближуваат до Сонцето кометите испуштаат гејзери од прашина, водена пареа и други материјали, па затоа при слетувањето Филе ќе испушти харпуни и дупчалки со цел подобро да се припои кон површината на кометата.

Одвојувањето на Филе од Розета треба да се случи во 10:03 по наше време, за слетувањето на кометата да биде 7 часа подоцна во 17:00 по наше време. Комплетен инфографик може да се погледне  на следниот линк.

Слетувањето во живо, како и целодневно објаснување за мисијата, како ќе се одвиваат научните истражувања може да се следат на следниот линк. Хаштагот за слетувањето е #CometLanding.

Извор: Скопско астрономско друштво